недела, 15 јуни 2025

Мексиканска кандидатка за градоначалник убиена за време на пренос во живо (ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО)

Она што започна како радосен предизборен митинг во неделата вечер во мексиканската држава Веракруз се претвори во ужас кога кандидатката за градоначалник беше убиена заедно со уште три лица, објави Си-ен-ен.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Застрашувачкиот момент беше снимен за време на пренос во живо на Фејсбук. Видеото ја прикажува Јесенија Лара Гутиерез како ги поздравува локалните жители додека поминува низ улиците на Тексистепек со поддршка на поворка поддржувачи. Видеото прикажува насмеана и радосна толпа која со бодрење ја следи поворката. Во еден момент се слушаат истрели, кои ја задушуваат нивната прослава. На видеото, кое вчера беше достапно и на Фејсбук страницата на Лара, се слушаат околу 20 истрели.

Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум го потврди нападот на вчерашната утринска прес-конференција и рече дека засега нема информации за евентуален мотив. Таа додаде дека нејзината влада е во координација со официјалните лица на Веракруз и дека ќе понуди помош на државно ниво, вклучително и соработка со канцеларијата на државниот обвинител, доколку е потребно.

„Во координација сме, особено со министерот за безбедност, и подготвени сме да ја обезбедиме целата потребна поддршка за време на овој изборен период во Веракруз и Дуранго“, рече таа, осврнувајќи се на изборите што ќе се одржат во овие две држави на 1 јуни.

Според канцеларијата на државниот обвинител, меѓу четворицата убиени во пукањето е и кандидатката за градоначалник од владејачката партија Морена. Три други лица се повредени. Властите сè уште спроведуваат истрага и ветуваат дека одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

„Ниту една функција или политичка должност не вреди човечки живот“, изјави гувернерката на Веракруз, Росио Нале, на социјалната мрежа Икс. „Ќе ги пронајдеме оние што стојат зад ова кукавичко убиство на кандидатката на Морена и нејзините поддржувачи во Тексистепек“.

Напади врз политички кандидати се вообичаени во Мексико за време на изборните кампањи. Минатата година, земјата забележа рекорден број жртви на политичко насилство поврзано со организиран криминал. Според извештајот на организацијата за човекови права Дата сивика, имало 661 напад врз луѓе и објекти, а поголемиот дел од жртвите биле луѓе кои се кандидирале или веќе имале позиции на локално ниво.

Во мај 2024 година, кандидат за градоначалник беше убиен за време на кампањата во јужната држава Гереро, во пукање кое исто така беше снимено. Неколку дена подоцна, градоначалничката на Котија во државата Мичоакан беше убиена додека се враќала дома од теретана со својот телохранител.

Во октомври, градоначалничката на главниот град на државата Гереро, Чилпансинго, беше убиена помалку од една недела откако ја презеде функцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ