„Што се однесува до зборовите на Трамп за тоа дека Путин „си игра со оган“ и „навистина лоши работи“ што ќе ѝ се случат на Русија, јас знам само за една НАВИСТИНА ЛОША работа – трета светска војна. Се надевам дека Трамп го разбира тоа!“ напиша заменик-претседателот на Рускиот совет за безбедност и поранешен руски претседател Медведев на англиски јазик на социјалната мрежа Икс.
Regarding Trump’s words about Putin “playing with fire” and “really bad things” happening to Russia. I only know of one REALLY BAD thing — WWIII.
I hope Trump understands this!— Dmitry Medvedev (@MedvedevRussiaE) May 27, 2025
Американскиот претседател Доналд Трамп и денес продолжи да го критикува рускиот претседател Владимир Путин, велејќи му дека „си игра со оган“ по викендот на жестоко бомбардирање на Украина. „Она што Владимир Путин не го сфаќа е дека да не бев јас, многу навистина лоши работи веќе ќе ѝ се случеа на Русија, мислам НАВИСТИНА ЛОШИ. Тој си игра со оган!“ објави Трамп на социјалната мрежа Трут соушл.
Ова е продолжение на критиките кон Русија откако Трамп вчера изјави дека Путин „целосно полудел“ со тоа што го започнал најголемиот воздушен напад врз Украина од почетокот на војната, додавајќи дека размислува за нови санкции кон Москва.
Трамп досега се воздржуваше од нови санкции против Русија, иако американските претставници велат дека е подготвен пакет санкции доколку американскиот претседател одлучи да го стори тоа. Во исто време, украинскиот претседател Володимир Зеленски врши притисок врз него да ја зголеми воената помош за Украина.
Во текот на викендот, Русија изврши еден од најголемите напади со беспилотни летала и ракети врз Украина од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година. Но, интензитетот на нападите значително се намали синоќа. Украина исто така испали десетици дронови со долг дострел кон Русија во последните денови, принудувајќи некои московски аеродроми привремено да се затворат.