понеделник, 8 декември 2025

Медведев ја обвини Финска дека подготвува напад на Русија

Заменик претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев тврди дека денешна Финска, со поддршка на НАТО, води „конфронтациска политика на подготовки за војна со Русија“ и создава „отскочна даска за напад“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во колумна објавена во ТАСС, Медведев ги поврза сегашните одлуки од Хелсинки со постапките на финското раководство од Втората светска војна, кога Финска беше сојузник на нацистичка Германија. Според него, тогашните планови за „Голема Финска“ продолжуваат и денес преку политики кои, тврди тој, ја загрозуваат безбедноста на Русија.

„Хелсинки, под маската на „одбрана“, спроведува конфронтациска политика на подготовки за војна со Русија, јасно создавајќи отскочна даска за напад врз нас“, пишува Медведев.

Медведев наведува дека Финска потпишала договор за одбрана со Соединетите Американски Држави, според кој американските војници добиваат пристап до 15 фински воени објекти. Тој, исто така, предупредува дека НАТО воспоставува командни структури во Лапонија и Микели, како и дека се градат нови касарни на места кои се оддалечени само неколку десетици километри од руската граница.

Тој ја издвои изградбата на „новата линија Манерхајм“, која ја опиша како „подготовка на воената инфраструктура за нова агресија против Русија“.

Тој, исто така, ја обвини Финска за „намерно поткопување на регионалната безбедност“ со повлекување од конвенцијата за забрана на противпешадиски мини. Во текстот, тој наведе и голем број големи вежби на НАТО одржани во Финска – од артилериската Молневит удар 24 до претстојните маневри Северна ѕвезда 2“ и Атлантски трозабец 25.

Медведев потсети дека Финска платила 226 милиони долари репарации на СССР по војната, но тврди дека оваа сума „не ја покрива целата штета“. Тој се осврна на неодамнешната проценка на Врховниот суд на Карелија, според која штетата би изнесувала 20 милијарди рубли, и додаде дека Москва има „целосно право повторно да го отвори прашањето за воените репарации“.

Заклучи дека политиката на Финска на „антируска хистерија“ веќе има последици – ја спомена рецесијата, зголемувањето на невработеноста на истокот од земјата и падот на инвестициите – и предупреди дека продолжувањето на сегашниот курс може да има драматични последици.

„Соочувањето со нас може да заврши со конечен колапс на финската државност. Овој пат, никој нема да биде толку нежен како во 1944 година“, порача Медведев.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ