Русија долго време се спротивставуваше на приклучувањето на Украина кон западниот воен пакт НАТО, што е една од причините кои ги наведува за својата одлука да ја почне војна против Украина во 2022 година.
Сепак, таа имаше порелаксиран став кон можноста таа земја да стане членка на ЕУ.
Претседателот на Русија Владимир Путин изјави во јуни 2022 година дека Русија „нема ништо против“ тоа, а од Кремљ во февруари беше порачано дека тоа е суверено право на Украина.
Меѓутоа, Медведев, кој сега е заменик претседател на Советот за безбедност на Русија, кажа дека ЕУ се претворила од економски блок посветен на спречување на војна во „политизирана антируска организација“ која полека се претвора во воен блок.
„Брисел е денес вистинскиот непријател на Русија. Во својата сегашна извитоперена форма, Европската Унија не е помалку закана за нас од НАТО“, порача Медведев на социјалната мрежа Телеграм.
Тој кажа дека затоа е погрешно да се каже сега дека Украина треба да биде слободна да „се придружи на што сака“, пренесува Ројтерс.
„ЕУ, полна со оружје, е директна закана за Русија. Токму така треба да се постапува со неа. Барем додека не го промени својот пристап кон нас“, додаде тој.
Украина аплицираше за членство во ЕУ кратко време по почетокот на војната во 2022 година и доби статус на кандидат подоцна истата година.
Медведев кажа дека билатералната соработка меѓу Москва и одредени земји членки на ЕУ, сепак, треба да продолжи. Тој не именуваше конкретни земји, но Унгарија и Словачка се обидуваат да одржат пријателски односи со Путин дури и по почетокот на конфликтот.