недела, 14 декември 2025

Медиуми низ светот во кампања против убивање на новинарите во Газа

На покана на Репортери без граници (РСФ) и Аваз, глобална невладина организација под покровителство на Фондацијата Џорџ Сорос, околу 150 медиуми од околу 50 земји во понеделник учествуваат во кампања за осуда на бројот на убиени новинари во Појасот Газа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Со оглед на темпото со кое израелската армија убива новинари во Газа, наскоро нема да има никој да ви известува“, е пораката на насловните страници со црна позадина на францускиот весник Хуманите, португалскиот Публико и белгискиот весник Ла либре.

Интернет медиумот Медиапарт и веб-страницата на списанието Ла кроа објавија статија за дејствувањето на медиумските куќи.

Според РФС, повеќе од 210 новинари се убиени од почетокот на израелската воена операција во Газа како одговор на упадот на исламистичкото движење Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година.

Денешната акција, во која учествуваат и либанскиот дневен весник Ориент ду жур, американскиот Интерсепт, кој се опишува себеси како непрофитна прогресивна новинска организација, и германскиот Тагесцајтунг, следеше по израелските воздушни напади од минатата недела во кои беа убиени пет новинари во болница во Хан Јунис на југот од енклавата.

„Осудувајќи ги неказнетите злосторствата извршени од израелската армија врз палестинските новинари, овие организации и редакции бараат нивна итна заштита и евакуација и бараат непречен пристап на меѓународните медиуми до палестинската енклава“, се вели во соопштението на РФС.

Здружението за права на медиумите вели дека поднело четири тужби до Меѓународниот кривичен суд (МКС) за воени злосторства извршени од израелската војска врз новинари во Појасот Газа во текот на изминатите 22 месеци.

Од почетокот на војната, на меѓународните медиуми не им е дозволено слободно да работат на палестинската територија.

Само неколку избрани медиуми влегоа во областа со израелската армија, а нивните извештаи, тврди РСФ, биле предмет на строга воена цензура.

Во упадот во јужен Израел на 7 октомври 2023 година, Хамас уби 1.219 луѓе, претежно цивили, и киднапираше 251 лице, од кои 47 се уште се затворени во Газа. Франс прес објави дека се верува дека 20 од преостанатите 47 се живи.

Во последните два дена, израелската армија ги пронајде телата на двајца заложници во Газа, Илан Вајс, киднапиран во кибуцот Беери, и Идан Штиви, кој работел на музичкиот фестивал Нова.

Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас, наведува дека најмалку 63.459 луѓе биле убиени во израелската офанзива што следела, и дека мнозинството биле цивили. Обединетите нации ја сметаат таа бројка за веродостојна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ