сабота, 6 декември 2025

Медиуми: Црна Гора нема да има право на вето во преговарачкиот процес на други земји со ЕУ

Црна Гора нема да има можност да стави вето на преговарачкиот процес со другите земји-кандидатки за членство во Европската Унија, пишува подгорички Вијести, повикувајќи се на неименувани, но, како што велат, добро информирани извори во преговарачкиот процес меѓу Црна Гора и ЕУ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во сите други случаи – освен ако не станува збор за таканаречени заштитни мерки кои се временски ограничени од шест месеци до неколку години – Подгорица ќе има право на вето, како и секоја друга земја-членка на ЕУ, вели истиот извор.

Со други зборови, Црна Гора нема да може да ги оствари своите интереси и цели во билатералните односи со користење на преговарачкиот процес, како што ѝ прави Хрватска или Бугарија на Македонија, со кандидатите од Западен Балкан за членство во ЕУ, плус Украина и Молдавија. Ова ќе важи за Албанија и за секоја идна земја-членка на ЕУ.

Ова, како што се наведува, е стар германски предлог кој е целосно усвоен од голем број земји-членки на ЕУ, а практично постои консензус во Унијата дека оваа мерка треба да биде вклучена во Договорот за пристапување на Црна Гора кон ЕУ.

Според Вијести, ова е долгорочна превентивна мерка, или, како што велат, „главната движечка сила на германскиот предлог е превентивно дејствување за Белград да не може да ја блокира Приштина или обратно“.

Тие исто така додаваат дека се кренала голема врева околу укинувањето на правото на вето, но во суштина тоа е димна завеса бидејќи нема ниту сериозно мнозинство, а камоли консензус, новите членки да се откажат од правото на вето, пренесува Танјуг.

„Ветото е ограничено само на проширувањето, сè што би отишло подалеку од тоа би го загрозило правото на еднаквост и со тоа би ги поткопало темелите на ЕУ. Точно е дека има земји кои би сакале да ја прошират суспензијата на правото на вето на нови земји-членки за уште неколку сектори, но од друга страна, постои многу силен блок на држави кои се противат на таквата можност, а зад себе ги имаат ставовите на сите релевантни и највлијателни европски експерти по европско право кои се апсолутно против таквата можност“, изјавил за Вијести дипломатски извор од земја-членка на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ