петок, 13 март 2026

Масовното пукање на плажата Бондај инспирирано од Исламска држава

Масовното пукање во кое беа убиени 15 лица за време на прослава на Ханука на сиднејската плажа Бондај било „терористички напад инспириран од Исламска држава“, изјави денеска федералната полициска комесарка на Австралија, Криси Барет, пренесе АП.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Масовното пукање во кое беа убиени 15 лица за време на прослава на Ханука на сиднејската плажа Бондај било „терористички напад инспириран од Исламска држава“, изјави денеска федералната полициска комесарка на Австралија, Криси Барет.

Осомничените се татко и син, на возраст од 50 и 24 години, соопштија властите. Постариот маж, кого државните власти го именуваа како Саџид Акрам, бил застрелан и убиен. Неговиот син е на лекување во болница.

На прес-конференцијата на политичките и безбедносните лидери денеска официјалните лица првпат ги потврдија своите уверувања за идеологијата на осомничените. Премиерот Ентони Албаниз рече дека изјавите се засноваат на собрани докази, меѓу кои и „присуството на знамиња на Исламска држава во возилото што е запленето“.

По неделниот масакр, 25 лица сè уште се лекуваат во болници, од кои 10 се во критична состојба. Тројца од нив се пациенти во детска болница.

Меѓу нив е и Ахмед ал Ахмед, кој беше снимен на видео како соборува и разоружува еден напаѓач, по што го вперува оружјето кон него, а потоа го остава на земја.

Убиените биле на возраст од 10 до 87 години. Тие присуствувале на настан по повод Ханука на најпознатата плажа во Австралија во неделата, кога одекнале истрелите.

Повици за построги закони за оружје

Албаниз и лидерите на неколку австралиски држави ветија дека ќе ги заострат веќе строгите закони за оружје во земјата, што би биле најобемните реформи од 1996 година, кога напаѓач уби 35 лица во Порт Артур, Тасманија. Масовните пукања во Австралија оттогаш се ретки.

Властите објавија повеќе информации додека јавните прашања и гневот растеа на третиот ден по нападот, особено околу тоа како осомничените биле во можност да го испланираат и извршат нападот и дали австралиските Евреи биле доволно заштитени од растечкиот антисемитизам.

Албаниз најави планови за дополнително ограничување на пристапот до оружје, делумно затоа што се покажа дека постариот осомничен легално собрал арсенал од шест оружја.

„Осомничените убијци, бездушни во начинот на кој наводно го координирале нападот, изгледа немале никаков обѕир кон возраста или способностите на своите жртви“, изјави Барет. „Се чини дека наводните убијци биле заинтересирани само за потрага по што поголем број жртви.“

Властите ја истражуваат посетата на осомничените на Филипините

Осомничените минатиот месец патувале на Филипините, изјави Мал Лењон, полициски комесар на сојузната држава Нов Јужен Велс. Нивните причини за патувањето и местата што ги посетиле ќе бидат предмет на истрага, рече Лењон.

Тој исто така потврди дека возило отстрането од местото на нападот, регистрирано на помладиот осомничен, содржело импровизирани експлозивни направи.

„Исто така потврдувам дека содржело две домашно изработени знамиња на ИСИС“, изјави Лењон.

Филипинското Биро за имиграција денеска потврди дека Саџид Акрам патувал во земјата од 1 до 28 ноември заедно со Навид Акрам, 24 години, наведувајќи го градот Давао како нивна крајна дестинација.

Групи муслимански сепаратистички милитанти, вклучувајќи ја и Абу Сајаф во јужниот дел на Филипините, во минатото изразувале поддршка за Исламска држава и биле домаќини на мал број странски милитанти од Азија, Блискиот Исток и Европа.

Сепак, децениските воени офанзиви значително ја ослабнаа Абу Сајаф и другите вооружени групи, а филипинските воени и полициски претставници велат дека нема индикации за неодамнешно присуство на странски милитанти на југот на земјата.

Албаниз го посети човекот што го совлада напаѓачот

Претходно, Албаниз го посети Ал Ахмед во болница. Тој изјави дека 42-годишниот сопственик на продавница за овошје, роден во Сирија, има закажана дополнителна операција в среда поради рани од сачмарка на левото рамо и горниот дел од телото.

„Беше голема чест да се сретнам со Ахмед ал Ахмед. Тој е вистински австралиски херој“, им изјави Албаниз на новинарите по 30-минутната средба со него и неговите родители.

„Ние сме храбра земја. Ахмед ал Ахмед го претставува најдоброто од нашата земја. Нема да дозволиме оваа земја да биде поделена. Тоа е она што терористите го сакаат. Ние ќе се обединиме. Ќе се прегрнеме едни со други и ќе го пребродиме ова“, додаде Албаниз.

Фото: ЕПА

Спасителите добиваат пофалби за своите постапки за време на масакрот

Познатите спасители во сини маици на плажата Бондај добија пофалби, бидејќи излегоа на виделина нови приказни за нивните постапки за време на пукањето.

Еден дежурен спасител, идентификуван на Инстаграм-профилот на организацијата како Рори Дејви, извршил спасување во океанот за време на пукањето, откако луѓето побегнале, целосно облечени, во морето.

Друг спасител, Џексон Дулан, објави на своите социјални мрежи фотографија направена додека трчал бос, држејќи комплет за прва помош, од плажата Тамарама, оддалечена околу еден и пол километар, кон Бондај, додека масакрот сè уште траел.

„Овие луѓе се членови на заедницата и не станува збор само за сурфање“, изјави Ентони Керол, една од ѕвездите на популарното реалити телевизиско шоу „Бондај Рескју“, за Скај њуз во вторникот. „Ги слушнаа истрелите и ја напуштија плажата и дојдоа директно овде, на местото на злосторството, во опасност, додека куршумите сè уште летаа.“

Рекорден број Австралијци се пријавуваат да даруваат крв додека земјата тагува

Израелскиот амбасадор во Австралија, Амир Мајмон, денеска го посети местото на трагедијата и беше пречекан од еврејските лидери.

„Не сум сигурен дека мојот вокабулар е доволно богат за да го изразам тоа што го чувствувам. Срцето ми е скршено, затоа што еврејската заедница, Австралијците со еврејска вероисповед, таа еврејска заедница е и моја заедница“, изјави Мајмон.

Илјадници луѓе од сите слоеви на општеството го посетиле Бондај од трагедијата наваму за да оддадат почит и да положат цвеќе на растечкиот куп на импровизираното меморијално место.

Меѓу посетителите денеска беше и поранешниот премиер Џон Хауард, кој беше одговорен за реформата на законите за оружје во 1996 година и поврзаниот откуп на новозабранетото оружје.

По неделното пукање, рекорден број Австралијци се пријавија да даруваат крв. Само во понеделникот беа закажани речиси 50.000 термини, повеќе од двојно од претходниот рекорд, соопшти националната организација за дарување, Лајфблад, за Асошиејтед прес.

Речиси 1.300 луѓе се пријавиле за првпат да даруваат. Интересот на локацијата на Лајфблад во Бондај бил толкав што не биле достапни термини за дарување крв пред 31 декември, според веб-страницата на организацијата.

Вкупно 7.810 донации на крв, плазма и тромбоцити биле направени низ целата земја во понеделникот, изјави портпаролката Кет Стоун. Австралиските медиуми објавија редици до четири часа на некои места за дарување во Сиднеј.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ