петок, 12 декември 2025

Масовниот бунт ја урна владата и ја соголи заробената држава

Протестите низ Бугарија го насочија вниманието кон корупцијата, олигархиското влијание и разорените институции пред влезот во еврозоната.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Владата на Бугарија вчера поднесе оставка по повеќенеделни улични протести поради нејзината економска политика и сè поголемото незадоволство на граѓаните од широко распространетата корупција.

Премиерот Росен Жељазков ја соопшти одлуката во телевизиско обраќање, само неколку минути пред гласањето за предлогот за изгласување недоверба во парламентот. Неговата оставка доаѓа помалку од три недели пред Бугарија да се приклучи на еврозоната, на 1 јануари.

„Нашата коалиција се состана, разговаравме за актуелната состојба, за предизвиците со кои се соочуваме и за одлуките што мораме одговорно да ги донесеме“, рече Жељазков, потврдувајќи дека владата, која траеше помалку од една година, ќе поднесе оставка.

На масовните протести, кои кулминираа на 1 декември, се собраа повеќе од сто илјади луѓе во Софија и во десетици други градови, претставувајќи најголема јавна мобилизација во Бугарија во последните неколку децении.

Голем дел од демонстрантите се млади, образовани луѓе од урбаните средини, кои силно го поддржуваат влезот на Бугарија во еврозоната и сакаат земјата уште повеќе да стане дел од европскиот мејнстрим. Бугарија и натаму е најсиромашната и најкорумпираната членка на Европската Унија, во која влезе во 2007 година.

Непосреден повод за протестите беше нацрт-буџетот за 2026 година, првиот изразен во евра, кој предвидуваше зголемување на придонесите за социјално осигурување и на данокот на дивиденди, заради финансирање на поголемата државна потрошувачка.

„Сфаќаме дека протестот беше насочен против ароганцијата и самобендисаноста; ова не е социјален протест, туку протест за вредности“, изјави Жељазков. „Не стануваше збор за судир меѓу политички противници околу политики, туку околу односот, и токму затоа тој обединува различни сегменти од бугарското општество.“

Иако владата го повлече буџетот минатата недела, тоа не ги запре протестите во земјата, која во последните четири години одржа седум изборни циклуси, во атмосфера на длабоки политички и општествени поделби.

„Ова е првиот чекор кон тоа Бугарија да стане нормална европска држава“, изјави Асен Василев, лидер на опозициската партија Продолжуваме со промените.

„Следниот чекор е одржување чесни и слободни избори, а не избори обележани со изборни манипулации, какви што беа последните парламентарни избори“, додаде Василев.

Претседателот Румен Радев, кој во почетокот на неделата ја повика владата да поднесе оставка, вчера ја повтори пораката: „Меѓу гласот на народот и стравот од мафијата – слушајте ги плоштадите!“, напиша тој во порака до пратениците на Фејсбук.

Според бугарскиот устав, Радев сега ќе побара од парламентарните партии да се обидат да формираат нова влада. Ако не успеат во тоа, што се смета за веројатно, тој ќе именува привремена администрација, која ќе ја води земјата до новите избори.

Кабинетот на Жељазков ќе остане на должност додека не биде избран негов наследник.

Бојко Борисов, лидер на десноцентристичката партија ГЕРБ, која ја предводеше заминувачката коалиција, го бранеше нејзиниот учинок, вклучително и влезот на Бугарија во Шенген-зоната и завршувањето на подготовките за членство во еврозоната.

„Немаме од што да се срамиме во овие изминати 11 месеци“, рече Борисов на прес-конференција во седиштето на партијата. „Од денес ќе бидеме силна опозиција; ќе работиме да победиме на следните избори.“

Многу демонстранти сметаат дека за тешката состојба во земјата се одговорни две личности – Борисов, премиер во три мандати меѓу 2009 и 2021 година, и олигархот Делјан Пеевски, кој е под санкции на САД и Велика Британија, а чија партија, Движењето за права и слободи, ја поддржуваше досегашната владејачка коалиција.

За многу Бугари, улогата на Пеевски во креирањето на владините политики и именувања го симболизира заробувањето на државните институции од олигархиски интереси. Во таа смисла, партнерството меѓу Пеевски и Борисов претставува олицетворение на вкоренетата корупција, објави Европскиот совет за надворешни односи.

Според таа анализа, владата систематски ги ослабувала демократските институции, го политизирала правосудството и ги таргетирала политичките противници.

Европскиот совет за надворешни односи наведува и дека Борисов ги имитира американскиот претседател Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан, јавно спротивставувајќи се на користењето на замрзнатиот руски имот за поддршка на Украина, поддржувајќи го планот на Трамп со 28 точки и приклучувајќи се кон прогнозите на Орбан дека Русија не може да ја изгуби војната.

Овие ставови, според анализата, следат тренд кај европските лидери што во усогласувањето со американската надворешна политика гледаат краток пат до политички успех и начин да избегнат одговорност дома. Но протестите во Бугарија, се наведува, покажаа дека постои јавна поддршка Европската Унија похрабро да ги заштити сопствените демократски процеси – особено меѓу генерацијата што го познава само периодот на европските интеграции.

„За да одговори на проблемот со корумпираните и опортунистички влади, дополнително охрабрени од културната војна на Трамп против Европа, ЕУ треба да обезбеди пристапот до нејзиното финансирање да биде нераскинливо поврзан со доброто владеење“, оцени Европскиот совет за надворешни односи, повикувајќи на суспендирање на следните транши од бугарскиот национален план за закрепнување и отпорност, условени со антикорупциски мерки.

Советот додаде дека ЕУ треба во Бугарија да спречи појава на уште една влада по моделот на Орбан, преку поддршка на работата на Европското јавно обвинителство во земјата и инсистирање на одговорност во случаите на проневера на европските средства.

Исто така беше нагласено дека европските политички семејства, особено Европската народна партија, во која членува ГЕРБ, мора да преземат решителни чекори против членовите што се обидуваат да го поткопаат европското единство за стратегиските прашања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ