Во западната покраина Керманшах, која е потресена од протести, организацијата за следење на слободата на интернет НетБлокс објави целосно исклучување на главниот интернет оператор ТЦИ.
Жителите рекоа дека пристапот до интернет е ограничен и во други делови од земјата. Мобилниот интернет е блокиран во некои поголеми градови.
Ограничувањата за пристап до интернет се поврзани со повиците на протести што ги упати Реза Пахлави, синот на последниот ирански шах, кој беше соборен во Исламската револуција во 1979 година.
Бран протести го потресува Иран веќе 11 дена, предизвикани од продлабочувањето на економската криза и остриот пад на националната валута, иранскиот риал. Незадоволните трговци прво излегоа на улиците во Техеран, пред протестите да се прошират во поголемиот дел од земјата.
Најмалку 38 лица се убиени во судири со властите од почетокот на масовните протести, објави американската мрежа за човекови права ХРАНА.






