недела, 6 април 2025

Масовен бојкот на продавниците во Турција, владата го смета за саботажа

Турската влада ги осуди повиците на опозицијата на масовен бојкот на продавниците и услугите по апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, што предизвика масовни протести низ целата земја, оценувајќи ги денес како обид за економска саботажа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Откако Имамоглу беше уапсен пред две недели, главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП) повика на бојкот на робата и услугите на компаниите за кои се смета дека се поврзани со владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Тој повик денес се прошири на прекин на какво било купување на еден ден, поради што некои продавници затворија како знак на солидарност со оние кои го критикуваат апсењето како политички и антидемократски обид за нарушување на шансите за победа на опозицијата на изборите. Имамоглу е главниот политички ривал на Ердоган и претседателски кандидат на ЦХП на идните избори.

Министерот за трговија Омер Болат кажа дека повиците на бојкот претставуваат закана за економската стабилност и ги обвини оние кои ги заговараат дека сакаат да ја поткопаат владата., „Тоа е обид за саботирање на економијата, а вклучува елементи на нечесна трговија и конкуренција. Тоа го гледаме како залуден обид на круговите кои себеси се сметаат за господари на оваа земја“, кажа Болат.

Потпретседателот Џевдет Јилмаз кажа дека повиците ги загрозуваат општествениот мир и економската стабилност и дека се осудени на пропаст. Неколку министри во владата и славни личности кои ја поддржуваат владата, вклучувајќи го поранешниот фудбалер Месут Озил, го употребија каштагот #BoykotDegilMilliZarar (Не бојкот, туку национална штета) за да го истакнат својот став.

Повиците ги предводи претседателот на ЦХП Озгур Озел, кој ги поттикна и уличните протести кои станаа најголемите во Турција во повеќе децении. Ердоган протестите ги нарече зли и порача дека нема да траат.

Турската економија е погодена од повеќегодишна криза на трошоците за живот и низа падови на валутата, при што растот е успорен а инфлацијата е сè уште висока, со 39 отсто во февруари.

Обвинители вчера отворија истрага против оние кои заговараат повици за бојкот на социјалните и традиционалните медиуми. Канцеларијата на главниот обвинител во Истанбул соопшти дека ги истражува повиците со кои наводно се настојува дел од јавноста да се спречи да учествува во економските активности, наведувајќи можни кршења на законите против говорот на омраза и поттикнување јавно непријателство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ