понеделник, 15 декември 2025

Маските од ковид-пандемијата оставија хемиска темпирана бомба, покажа истражување

Маските за еднократна употреба сега се распаѓаат, ослободувајќи микропластика и хемиски адитиви.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Зголемената употреба на маски за еднократна употреба за време на пандемијата на ковид остави хемиска темпирана бомба што може да им наштети на луѓето, животните и животната средина, покажува едно истражување, пренесува Гардијан.

Милионите тони пластични маски за лице што луѓето ги користеа за да се заштитат од вирусот сега се распаѓаат, ослободувајќи микропластика и хемиски адитиви, вклучително и ендокрини нарушувачи што влијаат на хормоните, открило истражувањето.

Како резултат на тоа, опремата што беше наменета токму да ги заштити луѓето за време на пандемијата сега претставува ризик за здравјето на луѓето и планетата, потенцијално со генерации.

„Оваа студија ја истакнува итната потреба да се преиспита начинот на кој ги произведуваме, користиме и ги фрламе маските за лице“, рече авторката на студијата Ана Богуш од Центарот за агроекологија, вода и отпорност на Универзитетот Ковентри во Англија.

Пресметано е дека за време на пикот на пандемијата на коронавирусот секој месец низ целиот свет се користеле 129 милијарди маски за еднократна употреба, претежно направени од полипропилен и други пластики.

Фото: ЕПА

Без систем за нивно рециклирање, повеќето од овие маски завршиле на депонии или расфрлани по улици, паркови, плажи, реки, села и сега почнале да се распаѓаат.

Неодамнешните истражувања покажале значително присуство на маски за еднократна употреба и во копнените и водните средини.

Богуш и коавторот на студијата Иван Курчев сакале да утврдат колку микропластични честички се ослободуваат од маските додека се во вода, без никакво движење.

Тие оставиле неколку различни вида новокупени маски 24 часа во шишиња со 150 мл прочистена вода, а потоа ја филтрирале течноста низ мембрана за да видат што ќе излезе.

Секоја маска што ја тестирале оставала микропластика во водата, но маските ФФП2 и ФФП3, за кои се тврдеше дека нудат најдобра заштита од вирусот, ослободувале четири до шест пати повеќе од овие честички.

„Големините на честичките микропластика значително варираа, движeјќи се од околу 10 до 2.082 микрометри, но честичките микропластика помали од 100 микрометри беа доминантни во водните исцедоци,“ напишаа тие во својот труд, објавен во списанието Енваеронментал полушн.

Фото: Роберт Атанасовски

И дошле до уште позагрижувачко откритие. Последователната хемиска анализа на исцедокот открила дека медицинските маски ослободуваат и бисфенол Б, хемикалија што го нарушува ендокриниот систем и која делува како естроген кога се апсорбира од луѓето и животните.

Со оглед на вкупното количество маски за еднократна употреба произведени за време на пикот на пандемијата, истражувачите процениле дека тие ослободиле од 128 до 214 килограми бисфенол Б во животната средина.

„Не можеме да ја игнорираме еколошката цена на маските за еднократна употреба, особено кога знаеме дека микропластиката и хемикалиите што ги ослободуваат можат негативно да влијаат и на луѓето и на екосистемите. Од витално значење е да ја подигнеме свеста за овие ризици, да го поддржиме развојот на одржливи алтернативи и да донесуваме информирани одлуки за да го заштитиме нашето здравје и животната средина“, рече Богуш.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ