сабота, 6 декември 2025

Маск повика на укинување на ЕУ: „Ја сакам Европа, но не и бирократското чудовиште“

Американскиот милијардер и сопственик на платформата Икс Илон Маск денес повика на укинување на Европската Унија по казната од 120 милиони евра која ѝ беше изречена на неговата социјална мрежа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Европската комисија смета дека оваа социјална мрежа ги прекршила правилата на европскиот закон за дигитални услуги.

„ЕУ треба да се укине, а суверенитетот да им се врати на земјите за да можат владите подобро да ги претставуваат своите граѓани“, напиша Маск на Икс, кој порано се викаше Твитер.

Тој оцени дека ЕУ ја изрекла оваа „неразумна казна“ не само на Икс, туку и на него лично.

„Ја сакам Европа, но не и бирократското чудовиште кое е ЕУ“, додаде тој, споредувајќи ги европските комесари со тајната полиција на поранешна Источна Германија – Штази.

Маск не е единствениот кој реагираше на казната на Икс.

„Казната што ја изрече Европската комисија не е само напад врз Икс, туку напад врз сите американски технолошки платформи и американскиот народ“, кажа шефот на американската дипломатија Марко Рубио.

Како што објавија француските медиуми, неколку европски претставници и дипломати зборуваа во одбрана на ЕУ.

Потпретседателката на Европската комисија задолжена за дигитализација Хена Виркунен изјави дека казната нема никаква врска со цензурата на платформата.

„Не сме тука за да изрекуваме највисоки казни, туку за да обезбедиме почитување на нашите дигитални закони“, кажа таа.

Шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро изјави дека во Европа транспарентноста е задолжителна за големите платформи.

„Правилото е исто за сите. Тикток го прифати, Икс го отфрли. Европската комисија презеде мерки, и со право. И ова е само почетокот“, додаде францускиот министер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ