„Се запрашав дали станува збор за peace (мир) или piece (парче). Знаете, мало парче Гренланд, мало парче Венецуела“, рече Маск со смеа за време на своето обраќање пред учесниците на форумот.
Трамп токму во Давос го основа Одборот за мир – тело што треба да се занимава со решавање меѓународни конфликти и кое веќе се опишува како можна алтернатива или паралелен формат на Обединетите нации. Критиките веднаш се насочија кон фактот дека Трамп лично стои на чело на тоа тело и дека целиот проект е силно централизран околу него.
Спорна е и планираната финансиска структура. Државите би имале временски ограничено членство, додека траен статус би овозможувала уплатата од една милијарда долари. Тоа дополнително ги засили обвинувањата дека не станува збор за класична дипломатија, туку за ексклузивен клуб во кој пристапот и влијанието делумно се купуваат. Дополнително, меѓу државите потписнички има и такви со авторитарни режими.
Маск за време на вториот мандат на Трамп беше дел од владејачката структура, водејќи го Одделот за владина ефикасност (ДОЏ). Во претседателската кампања Маск го поддржа Трамп со повеќе од 230 милиони долари (196 милиони евра), станувајќи негов најголем поединечен донатор, а истовремено својата социјална мрежа Икс ја користеше како силен мегафон за ширење на пораките на Трамп.
Во почетокот на администрацијата на Трамп, Маск го презеде раководството на ДОЏ, а од таа позиција замина кон крајот на мај минатата година. Тензии постоеја и претходно, на пример кога Маск пролетта минатата година јавно го навредуваше советникот на Трамп за трговија, Питер Наваро.
Вистинскиот раскол дојде кога Маск отворено го нападна законот на Трамп за даноци и јавна потрошувачка. Во текот на минатото лето конфликтот ескалираше во јавна пресметка, при што Трамп дури навести дека би можел да го преиспита имиграцискиот статус на Маск, како и да ги доведе во прашање субвенциите и државните договори за неговите компании.
Во есента истата година, двајцата сигнализираа смирување на тензиите. Маск се појави на вечера за саудискиот престолонаследник во Белата куќа, каде што Трамп пријателски го потапка по рамото.






