Во објава на својата платформа Икс, најбогатиот човек на светот му се заблагодари на Трамп за можноста да ја води новосоздадената Канцеларија за владина ефикасност, позната по акронимот ДОЏ.
Според Би-би-си, Белата куќа синоќа го почнала формалниот процес на неговото заминување од позицијата „посебен владин службеник“, што му овозможило да врши федерална работа до 130 дена годишно.
Позицијата на Маск беше привремена, а неговото заминување се очекуваше, но тајмингот е значаен бидејќи доаѓа еден ден откако тој јавно го критикуваше големиот законодавен проект на администрацијата на Трамп.
„Како што завршува мојот мандат како посебен владин службеник, сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за можноста да го намалам расипничкото трошење“, напиша Маск на Икс.
As my scheduled time as a Special Government Employee comes to an end, I would like to thank President @realDonaldTrump for the opportunity to reduce wasteful spending.
The @DOGE mission will only strengthen over time as it becomes a way of life throughout the government.
— Elon Musk (@elonmusk) May 29, 2025
„Мисијата на ДОЏ само ќе стане посилна со текот на времето бидејќи ќе стане начин на живот во целата влада“, додаде тој.
Маск претходно изјави дека е разочаран од предлог-буџетот на Трамп, кој вклучува даночни намалувања за повеќе трилиони долари и зголемени воени трошоци.
Во интервју за Си-би-ес тој рече дека таканаречениот „голем, убав закон“, како што го нарекува Трамп, ќе го зголеми буџетскиот дефицит и ќе ја поткопа работата на ДОЏ.
„Законот може да биде голем или убав, но не верувам дека може да биде и едното и другото“, рече Маск.
Во почетокот на својот мандат Маск вети кратења од најмалку 2 трилиони долари, но со текот на времето ја преполови таа бројка, а потоа дополнително ја намали на 150 милијарди долари.
Се проценува дека приближно 260.000 од вкупно 2,3 милиони вработени во цивилниот сектор на федералната влада ги загубиле своите работни места или прифатиле отпремнина поради ДОЏ. Во некои случаи, федералните судии ги запираа масовните отпуштања и наредуваа враќање на вработените.
Имаше и грешки, меѓу отпуштените се најдоа и работници во американската нуклеарна програма.
Во април Маск го објави своето повлекување од улогата во владата и враќањето на управувањето со своите компании, велејќи дека ДОЏ сѐ повеќе станува жртвено јагне за сите проблеми.
„Сега сите го обвинуваат ДОЏ за сè“, изјави тој за Вашингтон пост пред лансирањето на Спејсекс во Тексас. Штом ќе се случи нешто лошо каде било, нас нѐ обвинуваат иако немаме никаква врска со тоа“.
Во времето на политичкиот ангажман на Маск, Тесла забележа пад на продажбата од 13% во првиот квартал, најголем во нејзината историја. Акциите паднаа за цели 45%, а иако делумно закрепнаа, сепак се околу 10% под почетната вредност.
Маск им кажа на акционерите дека во иднина ќе „посветува значително помалку време на ДОЏ“ и дека се враќа на управувањето со Тесла. Тој, исто така, најави дека ќе ги намали политичките донации, откако минатата година потроши речиси 300 милиони долари за кампањата на Трамп и другите републикански кандидати.
Тесла беше цел на протести и вандализам, поради што американската министерка за правда Пем Бонди предупреди дека ваквите инциденти ќе се третираат како „домашен тероризам“.
Во вторникот Маск на Економскиот форум во Доха изјави дека ќе остане на чело на Тесла уште најмалку пет години.