Милијардерот, кој неодамна се повлече од функцијата шеф на Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ), ја даде изјавата во ексклузивно телевизиско интервју за Си-би-ес Сандеј морнинг. „Бев разочаран кога видов огромен закон за трошење кој, искрено, го зголемува буџетскиот дефицит наместо да го намалува и ја поткопува работата на тимот на ДОГЕ“, рече Маск.
Се чини дека Маск не се согласува со Трамп, кој се залагаше за огромен пакет трошоци. Нацрт-законот, кој сè уште треба да биде усвоен во Сенатот, ќе ги продолжи даночните намалувања на Трамп во 2017 година, ќе ги зголеми трошоците за безбедноста на границите, ќе наметне нови работни барања за Медикеид и ќе ги укине даночните кредити за чиста енергија.
Даночните одредби од пакетот, наречени „Еден голем прекрасен закон“, како што Трамп го нарекува законот, би го зголемиле дефицитот за 3,8 трилиони долари до 2034 година, според Канцеларијата за буџет на Конгресот. „Мислам дека законот може да биде голем или може да биде прекрасен, но не знам дали може да биде и едното и другото. Тоа е мое мислење“, изјави Маск.
Маск беше речиси постојано присутен во првите месеци од администрацијата на Трамп, при што неговите вработени во ДОГЕ поминуваа низ практично секоја владина агенција за да направат големи намалувања, предизвикувајќи загриженост кај демократите, па дури и кај некои сојузници на Трамп, како и бројни правни предизвици.
Маск, кој е и извршен директор на Тесла, СпејсЕкс и социјалната мрежа Икс, изјави дека ќе го намали своето учество во владата.