Смртоносниот напад на еврејски фестивал на познатата австралиска плажа ги продлабочи дипломатските тензии меѓу премиерот Ентони Албаниз и неговиот израелски колега, во момент кога во земјата растеше притисокот врз владата да реагира на антисемитизмот.
Албаниз вчера повика на единство и изјави дека неговата влада е подготвена да преземе сè што е неопходно, откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Албаниз „не направил ништо“ за да го сузбие антисемитизмот, кој е во пораст од 2023 година.
Веднаш по нападот, загриженост изразија и лидерите на еврејската заедница.
„Во оваа земја сме сведоци на шокантно ниво на антисемитизам што почна да излегува на површина, како и во други држави“, изјави за „Ројтерс“ Леви Вулф, главен рабин на Централната синагога во Сиднеј, на плажата Бонди, каде што во неделата беше убиен негов пријател.
„Кога антисемитизмот од врвот на власта се толерира и не се сузбива, се случуваат вакви работи.“
На прес-конференција, Албаниз прочита список на мерки што неговата влада веќе ги презела, вклучително и криминализација на говорот на омраза и поттикнувањето насилство, како и забрана на нацистичкиот поздрав.
Тој вети дека финансирањето на физичкото обезбедување на еврејските заедници ќе биде продолжено и порача дека постои потреба од уште построги закони за оружјето во Австралија, која и онака има едни од најрестриктивните прописи за огнено оружје во светот.
Сепак, специјалната претставничка што владата ја именуваше минатата година за да се занимава со серија графити и подметнувања пожари во синагоги и еврејски деловни објекти изјави дека терористичкиот напад во неделата „не дошол без предупредување“ и дека е неопходно да се преземат дополнителни мерки.
„Знаците беа очигледни“, изјави Џилијан Сегал вчера во радиоинтервју за Австралиската радиодифузна корпорација (Еј-би-си).
Лидерката на австралиската конзервативна Либерална опозициска партија изјави дека Лабуристичката партија дозволила антисемитизмот „да гнои и да буи“.
„Од денес мора да се промени сè во начинот на кој владите реагираат“, изјави лидерката на либералите, Сузан Леј, на прес-конференција, додавајќи дека Албаниз мора да ги спроведе сите препораки од извештајот што Сегал го објави во јули, вклучително и посебен фокус на универзитетските кампуси.
Стоејќи покрај Сегал при објавувањето на извештајот во јули, Албаниз го осуди антисемитизмот како „зла појава“ и изјави дека неговата влада ќе одвои 25 милиони австралиски долари за зајакнување на обезбедувањето на локациите на еврејската заедница, вклучително и училишта, меѓу другите мерки.
Албаниз тогаш изјави и дека е важно да се направи разлика меѓу антисемитизмот и легитимната критика на потезите на владата на Бенјамин Нетанјаху, напоменувајќи дека тој и други меѓународни лидери го критикувале Израел.
„Во Австралија мора да можете да го изнесете својот став за случувањата во странство. Линијата се преминува тогаш кога луѓето се обвинуваат и се обележуваат само затоа што се Евреи“, изјави тој во јули.
Според податоците од пописот од 2021 година, во Австралија живеат околу 116.967 луѓе што се изјаснуваат како Евреи, што претставува 0,46 проценти од вкупното население од 25 милиони, а мнозинството живеат во поширокото подрачје на Сиднеј и Мелбурн.
Од 2023 година, полицијата на сојузната држава Нов Јужен Велс дозволува секоја недела низ Сиднеј да се одржуваат протестни маршеви против израелската војна во Газа.
Тензиите меѓу Австралија и Израел се засилија од август, кога Израел им ги повлече визите на австралиските дипломати на окупираните палестински територии, што министерката за надворешни работи на Австралија, Пени Вонг, тогаш го опиша како „неоправдана реакција по одлуката на Австралија да ја признае Палестина“.
Австралија истиот месец го протера иранскиот амбасадор, откако разузнавачките служби најмалку два антисемитски напади со подметнување пожар ѝ ги припишаа на Иранската револуционерна гарда.
Во Австралија вчера започна жалост за жртвите на најтешкото масовно пукање во земјата во речиси 30 години, за кое полицијата ги товари татко и син дека убиле 15 лица на еврејска прослава на познатата сиднејска плажа Бонди.
Постариот напаѓач, на возраст од 50 години, беше убиен на самото место, со што вкупниот број на загинатите се искачи на 16, додека неговиот 24-годишен син е задржан во болница во критична состојба, соопшти полицијата на прес-конференција.
Полицијата не ги објави имињата на осомничените, но националниот сервис Еј-би-си и други медиуми ги идентификуваа како Саџид Акрам и неговиот син Навид Акрам. Во возилото на напаѓачите биле пронајдени две знамиња на милитантната група Исламска држава, пренесе Еј-би-си.
Во неделата навечер, напаѓачите пукаа врз учесниците на прославата на Ханука, при што беа убиени мажи, жени и деца, додека преплашените посетители на плажата бегаа.
Жртвите беа на возраст меѓу 10 и 87 години. Меѓу нив, според изјави на официјални лица, интервјуа и извештаи на локалните медиуми, имало и рабин што бил татко на пет деца, преживеан од Холокаустот, една жена од Словачка и десетгодишно девојче. Полицијата соопшти дека меѓу 40 лица префрлени во болница по нападот имало и двајца полицајци, кои биле во тешка, но стабилна состојба.
Министерот за имиграција Тони Берк изјави дека осомничениот 24-годишен напаѓач е роден во Австралија, додека неговиот татко, вториот осомничен напаѓач, кој загина во нападот, бил резидент што дошол во Австралија во 1998 година.
„Многу е тешко да се спречат поединечни терористички чинoви“, изјави за Еј-би-си поранешниот либерален премиер Малколм Тарнбул, кој претходно во парламентот ја претставуваше големата еврејска заедница во Бонди.






