среда, 18 март 2026

Макронови на суд поднесуваат „научен доказ“ дека Брижит е женско

Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит планираат да презентираат фотографски и научни докази пред суд во САД дека првата дама на Франција е жена, објави Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Адвокатот на двојката Макрон изјави дека францускиот претседател и неговата сопруга ќе презентираат документи во тужбата за клевета против десничарската инфлуенсерка Кендас Овенс, која ја промовираше теоријата дека Брижит Макрон е родена како машко.

Францускиот претседател и адвокатот на неговата сопруга, Том Клер, изјавија за Би-би-си дека обвинувањата за полот биле исклучително вознемирувачки за Брижит Макрон и дека го одвлекувале вниманието на францускиот претседател.

„Не сакам да сугерирам дека тоа некако го исфрлило од игра. Но како и со секој што жонглира со кариерата и семејниот живот, кога некој го напаѓа вашето семејство – тоа се одразува и на вас. И тој не е имун само затоа што е шеф на државата“, рече адвокатот.

Тој додаде дека на суд ќе има „сведочење од експерти што ќе биде од научна природа“.

Истакнувајќи дека не сака да ја открие нивната точна природа во оваа фаза, тој рече дека двојката е подготвена целосно да докаже „и генерички и конкретно“ дека обвинувањата се лажни.

„Неверојатно е вознемирувачки да се помисли дека мора да одите и да се испитувате себеси за да обезбедите ваков вид докази. Тоа е процес во кој таа ќе мора да се испитува себеси на многу јавен начин. Но таа е подготвена да го стори тоа. Таа е решена да направи сè што е потребно за да ги поправи работите“, рече адвокатот.

На прашањето дали Макронови на суд ќе покажат фотографии од Брижит како е бремена и ги одгледува своите деца, тој рече дека фотографиите постојат и ќе бидат прикажани на суд според судските правила и процедури.

Инфлуенсерката што сподели теории дека француската прва дама е родена како маж, е поранешен коментатор за конзервативниот американски медиум Дејли ваер. Таа има милиони следбеници на социјалните мрежи.

Во март 2024 година таа тврдеше дека е подготвена да го стави целиот свој професионален углед на коцка во корист на тврдењата што ги изнесе.

Теоријата дека Брижит Макрон е родена како маж не е нејзина. Првпат се појави во 2021 година, кога француските блогерки Амандин Рој и Наташа Реј почнаа да ја промовираат на Јутјуб.

Макронови го тужеа дуото на Јутјуб во Франција и ја добија пресудата, но пресудата беше поништена од апелацискиот суд во 2025 година откако Рој и Реј поднесоа жалба, повикувајќи се на слободата на изразување.

Двојката поднесе тужба против Овенс во јули, тврдејќи дека таа „ги игнорирала сите веродостојни докази што го побиваат нејзиното тврдење во корист на промовирање на добро познати теоретичари на заговор и докажани клеветници“.

Во случаите за клевета во САД против јавни личности, тужителите мора да докажат „вистинска лоша намера“ – дека обвинетиот свесно ширел лажни информации или дејствувал со неодговорно непочитување на вистината.

Емануел Макрон објасни за француското списание „Пари Мач“ во август зошто одлучиле да преземат правни мерки.

„Ова е одбрана на мојата чест! Бидејќи ова е бесмислица. Ова е некој што добро знаел дека има лажни информации и дека го сторил тоа со цел да предизвика штета, во служба на идеологијата и со воспоставени врски со крајно десничарските лидери“, нагласи францускиот претседател.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ