Од 28 февруари, кога Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран, илјадници луѓе се убиени на Блискиот Исток, а конфликтот поттикна ирански напади врз Израел, американските бази и земјите од Заливот, што го наведе Техеран да затвори поморскиот пат низ кој минува околу една петтина од светската нафта и течен природен гас.
„Некои се залагаат за идејата за ослободување на Ормускиот теснец со воена сила, што е став што повремено го изразуваат САД, иако е променлив“, им изјави Макрон на новинарите за време на патувањето во Јужна Кореја.
„Тоа никогаш не беше опција што ја поддржувавме бидејќи е нереална“, кажа тој. „Ќе трае вечно и ќе ги изложи сите што минуваат низ теснецот на ризикот од Револуционерната гарда, но и од балистички ракети“, додаде францускиот претседател.
Макрон, кој работи со европските и другите сојузници за создавање коалиција што би гарантирала слободен премин низ Ормус по прекинот на непријателствата, истакна дека ова може да се постигне само преку разговори со Иран.
„Од самиот почеток кажуваме дека овој теснец мора да се отвори повторно бидејќи е стратегиски важен за протокот на енергенси, ѓубрива и меѓународна трговија, но ова може да се постигне само во договор со Иран“, кажа тој.
На прашањето за критиките на Трамп кон сојузниците од НАТО, Макрон одговори: „Не сакам да коментирам за операцијата за која Американците одлучија сами со Израел. Можам да жалам што не им се помага, но тоа не е наша операција. Сакаме мир што е можно поскоро“.
„Ова не е претстава“, додаде Макрон. „Зборуваме за војна и мир… Да бидеме сериозни и да не зборуваме едно еден ден, а друг ден спротивното“, кажа тој, без да прецизира дали мисли на Трамп.
Зборувајќи за заканите на Трамп за повлекување на САД од НАТО алијансата, Макрон кажа: „Сојузите како НАТО ја црпат својата сила од она што не е кажано, односно од довербата што стои зад нив. Ако секојдневно создавате сомнеж во сопствените обврски, ја исцрпувате самата нивна суштина“.






