„Живееме во момент на превирања. Одамна ја разбравме неговата неизбежност“, рече Макрон во своето традиционално обраќање до вооружените сили пред Денот на Бастилја.
„Никогаш порано мирот на нашиот континент не зависел толку многу од нашите моментални одлуки“, додаде Макрон, наведувајќи ги „империјализмот и силите на анексија“ како што е Русија, која започна војна против Украина во февруари 2022 година.
Меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна сè повеќе се оспорува и ослабува, и „бидејќи повеќе нема правила, преовладува законот на најсилниот“, рече Макрон.
Франција треба „да се соочи со толку многу предизвици за да остане слободна, господар на сопствената судбина“, додаде тој.
Макрон во истиот говор рече дека сака да го зголеми планираниот буџет за одбрана со уште 3,5 милијарди евра во 2026 година, а потоа со уште 3 милијарди евра во 2027 година, со што буџетот за одбрана ќе се удвои за време на неговите два мандата.
„Ажурирањето на воениот закон“ за периодот 2024-2030 година „ќе биде презентирано на есен“, рече францускиот претседател.
Франција денес ќе го одбележи својот национален празник, Денот на Бастилја, со традиционална воена парада на познатата авенија Шанзелизе во Париз, објавија локалните медиуми, додавајќи дека парадата ќе се одржи во светло на засилени безбедносни мерки поради нестабилноста во светот.
Празникот се слави во знак на сеќавање на рушењето на Бастилја, озлогласената париска тврдина-затвор, на 14 јули 1789 година. Тоа беше еден од клучните моменти на Француската револуција.
Падот на Бастилја го симболизира единството на нацијата и крајот на апсолутистичката монархија. Потоа, на 26 август 1789 година, беше усвоена Декларацијата за човекови и граѓански права. Со оваа декларација подоцна се воспоставени француските национални вредности – слобода, еднаквост и братство (Liberte, Egalite, Fraternite).