Емануел Макрон изјави дека е сигурен дека Доналд Трамп ќе реагира на „цинизмот на Владимир Путин“ само неколку часа откако украинските медиуми објавија дека руските вооружени сили пукале во автобус во северна Украина, при што загинале девет лица, четворица се повредени.
„Соочен со цинизмот на претседателот Путин, верувам, дури сум сигурен, дека претседателот Трамп ќе реагира, бидејќи се грижи за кредибилитетот на Соединетите Американски Држави“, изјави Макрон денеска на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, пренесува БФМ ТВ.
Макрон додаде дека Трамп е претседател избран од американскиот народ, дека дошол со спасоносна амбиција да ги помири двете страни и дека рекол дека ќе ги ангажира сите за да се постигне мир.
„Мировните предлози, кои ве потсетувам дека се американска иницијатива, не беа почитувани од претседателот Путин и неговата армија“, истакна францускиот претседател.
Како што потсети, беше собрана „Коалиција на спремните“, потоа сите заедно го повикаа претседателот Трамп со порака дека сега сите се залагаат за прекин на огнот меѓу Русија и Украина.
„И сите ние повторно ќе се вклучиме зад коалицијата на спремните со безбедносни гаранции“, рече Макрон.