На прес-конференција во Сингапур, тој исто така потврди дека Европа мора „да го заостри својот колективен став“ против Израел „доколку во наредните часови и денови нема одговор сразмерен на хуманитарната ситуација“ во Појасот Газа.
Во тој случај, Европската Унија ќе мора да ги „примени“ своите „правила“, „односно, да ги запре процесите кои претпоставуваат дека се почитуваат човековите права, што не е случај денес, и да примени санкции“, рече тој, мислејќи на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ, 27-члената заедница и Израел, кој треба да се ревидира.
„И затоа: да, мораме да ја заостриме нашата позиција бидејќи тоа сега е неопходност, но сепак се надевам дека израелската влада ќе го промени својот став и дека конечно ќе добиеме хуманитарен одговор“, додаде тој.
Франција е копретседавач со Саудиска Арабија на меѓународната конференција од 17 до 20 јуни во ОН во Њујорк за таканареченото решение со две држави за Израел и Палестина.
Без да појасни дали ќе ја признае палестинската држава на настанот, Емануел Макрон во петокот рече дека „создавањето палестинска држава“ под одредени услови „не е само морална должност, туку и политичка потреба“.
Претседателот ги наведе условите за признавање. Тоа се „ослободување на заложниците“ што ги држи Хамас, „демилитаризација“ на палестинското исламистичко движење, негово „неучествување“ во управувањето со државата, „реформа на Палестинската самоуправа“, признавање на Израел и „неговото право на живот во безбедност“ од таа идна држава и „создавање безбедносна архитектура во целиот регион“.
„Тоа е она на што ќе се обидеме да се обврземе заедно во тој важен момент на 18 јуни, и јас ќе бидам таму“, рече тој за конференцијата на ОН.