сабота, 7 јуни 2025

Макрон: Признавањето на Палестина е морална должност и политичка потреба

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека признавањето на палестинската држава „не е само морална должност, туку политичка потреба“, наведувајќи неколку услови за преземање на чекорот, пред конференцијата на ОН на таа тема, на која тој ќе присуствува на 18 јуни.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На прес-конференција во Сингапур тој исто така потврди дека Европа мора „да го заостри својот колективен став“ против Израел „доколку во наредните часови и денови нема одговор сразмерен на хуманитарната ситуација“ во Појасот Газа.

Во тој случај, Европската Унија ќе мора да ги „примени“ своите „правила“, „односно, да ги запре процесите што претпоставуваат почитување на човековите права, што не е случај денес, и да примени санкции“, рече тој, мислејќи на Договорот за асоцијација меѓу блокот од 27 нации и Израел, кој треба да се ревидира.

„И затоа: да, мораме да ја заостриме нашата позиција бидејќи тоа сега е неопходност, но сепак се надевам дека израелската влада ќе го промени својот став и дека конечно ќе добиеме хуманитарен одговор“, додаде тој.

Франција со Саудиска Арабија е копретседавач на меѓународната конференција од 17 до 20 јуни во ОН во Њујорк за таканареченото дводржавно решение за Израел и Палестина.

Без да појасни дали ќе ја признае палестинската држава на настанот, Емануел Макрон денеска рече дека „создавањето палестинска држава“ под одредени услови „не е само морална должност, туку и политичка потреба“.

Претседателот ги истакна условите за признавањето. Тоа се „ослободување на заложниците“ што ги држи Хамас, „демилитаризација“ на палестинското исламистичко движење, неговото „неучествување“ во управувањето со таа држава, „реформа на Палестинската самоуправа“, признавање на Израел и на „неговото право да живее во безбедност“ од таа идна држава и „создавање безбедносна архитектура во целиот регион“.

„Тоа е она на што ќе се обидеме заедно да се обврземе во тој важен момент на 18 јуни, и јас ќе бидам таму“, рече тој за конференцијата на ОН.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ