Макрон ги ова го изјави во својот говор на Меѓународната конференција за финансирање на развојот во Севиља, Шпанија, во услови на притисок на Европската унија да се постигне трговски договор со Соединетите Американски Држави пред рокот на 9 јули, иако не ги спомена конкретно САД или претседателот Доналд Трамп.
„Мораме да ја вратиме слободата и еднаквоста на меѓународната трговија, многу повеќе од наметнување бариери и царини, кои ги одредуваат најсилните и кои често се користат како инструменти на уцена, а не како инструменти за ребалансирање“, кажа Макрон.
Тој повика и на поддршка, како и на преиспитување, на Светската трговска организација, за да се усогласи со целите за борба против нееднаквоста и климатските промени.
„Враќањето на трговската војна и царините во моментот во кој се наоѓа планетата е отстапување, особено кога гледам дека царините се наметнуваат на земјите кои тукушто го почнаа својот економски подем“, рече Макрон.
Во април, Трамп ги претстави своите сеопфатни глобални царини според кои земјите ќе се соочат со царини од 10 до 50 проценти за увоз во Соединетите Држави, иако подоцна се предомисли и им даде на земјите уште 90 дена.
Трговската агенција на Обединетите нации соопшти дека царините би можеле да имаат катастрофално влијание врз земјите во развој, при што некои од најмалку развиените како Лесото, Камбоџа, Лаос, Мадагаскар и Мјанмар се соочуваат со највисоки царини.
Макрон, кој отворено ги критикуваше царините на Вашингтон, исто така кажа дека е апсурдно да се бара од Европа да троши повеќе за одбрана, а во исто време да се почне трговска војна против неа.






