Во интервју за француската телевизија ТФ1 во вторникот, Макрон рече дека САД веќе имаат нуклеарно оружје распоредено во неколку европски земји преку таканаречениот систем за нуклеарно споделување на НАТО и дека Франција е подготвена за слична дискусија на европско ниво.
„Спремни сме да ја отвориме оваа дискусија“ рече Макрон и додаде дека секоја одлука за проширување на француското нуклеарно одвраќање во Европа ќе биде условена со правото на користење на ова оружје да остане исклучиво во рацете на францускиот претседател.
„Отсекогаш постоела европска димензија што ги зема предвид виталните интереси“, рече Макрон, потсетувајќи на долгогодишната позиција на Париз дека францускиот нуклеарен арсенал служи за заштита не само на Франција, туку и на пошироката европска безбедност.
Франција е единствената членка на Европската Унија што поседува нуклеарно оружје, откако Обединетото Кралство ја напушти Унијата. Париз традиционално се дистанцира од американскиот систем за споделување нуклеарно оружје во рамките на НАТО, според кој американски нуклеарни бомби има во Германија, Белгија, Холандија, Италија и Турција, но под строг надзор на САД.
Повикот на Макрон за отворање дискусија доаѓа во време на зголемени безбедносни тензии во Европа, пред сѐ поради руската инвазија на Украина и агресивниот однос на Москва кон НАТО. Во последно време има сѐ повеќе расправии меѓу европските земји за зајакнување на одбранбените капацитети и намалување на потпирањето на САД.
Макрон со години ја промовира идејата за „стратегиска автономија“ на Европа – односно создавање европски одбранбени и безбедносни капацитети независни од Вашингтон. Во овој контекст се гледа и неговата неодамнешна изјава за можноста за пошироко распоредување на француското нуклеарно оружје во Европа, иако не е јасно дали во моментов има конкретни барања или планови за такво распоредување.