среда, 21 мај 2025

Макрон, Мерц, Стармер и Туск заедно во Украина, „Ќе го зголемиме притисокот врз Русија“

Лидерите на Франција, Велика Британија, Германија и Полска денес се во посета на Украина, во прва таква заедничка посета, на разговори со претседателот Володимир Зеленски, со ветување дека ќе го зголемат притисокот врз Русија додека не се постигне договор за прекин на огнот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Патувањето на францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, полскиот премиер Доналд Туск и британскиот премиер Кир Стармер е првпат лидерите на четири европски нации заедно да ја посетат Украина.

Тројцата западноевропски лидери утрово заедно пристигнаа со возот од Полска, а подоцна му се придружија на полскиот премиер, кој пристигна одделно во Киев, и на украинскиот претседател.

Овој високо симболичен израз на европското единство дојде повеќе од три години по руската инвазија и еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин зазеде пркосен тон на парадата во Москва по повод 80-годишнината од победата во Втората светска војна.

Американскиот претседател Доналд Трамп предложи 30-дневно безусловно примирје како чекор кон завршување на конфликтот. Но, Путин се спротивставува на предлогот. „Заедно со САД, ја повикуваме Русија да се согласи на целосно и безусловно 30-дневно примирје за да се создаде простор за разговори за праведен и траен мир“, изјавија лидерите во соопштението пред посетата.

„Подготвени сме што е можно поскоро да ги поддржиме мировните преговори, да разговараме за техничката имплементација на прекинот на огнот и да се подготвиме за сеопфатен мировен договор“, додадоа тие.

„Јасно ни е дека крвопролевањето мора да престане, дека Русија мора да ја запре својата нелегална инвазија и дека Украина мора да може да просперира како безбедна, заштитена и суверена нација во рамки на своите меѓународно признати граници за генерациите што доаѓаат“, рекоа тие.

Тие предупредија дека ќе продолжат да ја зголемуваат поддршката за Украина. „Додека Русија не се согласи на траен прекин на огнот, ние ќе го зголемиме притисокот врз руската воена машинерија“, рекоа тие. Во интервју за каналот Еј-би-си вчера, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека испораките на оружје од сојузниците на Украина мора да престанат пред Русија да се согласи на примирје.

„Инаку, прекинот на огнот би бил предност за Украина во време кога руските трупи напредуваат доста самоуверено на фронтот“, рече Песков, додавајќи дека Украина не е подготвена за директни преговори.

За Мерц, кој ја презеде функцијата оваа недела, ова ќе биде прва посета на Украина како канцелар. Макрон не бил во Киев од јуни 2022 година, кога беше со тогашните италијански и германски лидери. Во разговорите со Зеленски, тие ќе ја изразат својата цврста посветеност на Украина, се вели во соопштението.

„Ние, лидерите на Франција, Германија, Полска и Велика Британија, ќе стоиме со Киев во знак на солидарност со Украина против варварската и нелегална инвазија на Русија“, рекоа тие. „Ја повторуваме нашата поддршка на повиците на претседателот Трамп за мировен договор и ја повикуваме Русија да престане да ги попречува напорите за обезбедување траен мир“, додадоа тие.

По средбата со Зеленски наутро, тие ќе одржат состанок од далечина за да ги информираат другите европски лидери за чекорите за создавање европски сили што би можеле да ја осигураат безбедноста за Украина по војната. Ваквите сили би помогнале во зајакнувањето на вооружените сили на Украина по мировниот договор и би ја зајакнале довербата во идниот мир, се вели во соопштението.

По средбата со полскиот премиер Туск завчера во Франција, Макрон повика на брз развој на американско-европски план за 30-дневно примирје со масивни економски санкции доколку која било страна го предаде. Финскиот претседател Александар Стаб, завчера на состанокот за Украина во Норвешка, изјави дека САД имаат два пакета санкции на маса и дека земјите разговараат за акции во банкарскиот и енергетскиот сектор.

Макрон рече дека воинствените коментари на Путин на парадата на Црвениот плоштад покажале дека тој останува на страната на војната, но исто така рече дека разговорите за територијата би можеле да се одржат откако ќе започне прекинот на огнот.

Русија окупираше околу една петтина од територијата на Украина и сè уште не одговори на притисокот за траен прекин на огнот. Трамп исто така рече дека Украина ќе мора да размисли за откажување од територија, но изрази сè поголемо нетрпение поради одбивањето на Русија да ги запре борбите.

Времето на посетата е многу значајно, еден ден откако Путин ги угости кинескиот претседател Си Џинпинг, како и премиерот на Словачка, земја-членка на ЕУ, Роберт Фицо, на московската парада. Француски претседателски функционер, кој зборуваше под услов на анонимност, рече дека посетата, само четири дена откако Мерц ја презеде функцијата, го покажа единството, силата и подготвеноста на Европа и е одговор на прославата на Путин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ