Во интервју за Еј-би-си њуз во неделата, Трамп рече дека е отворен за можноста Владимир Путин да ја преземе улогата на посредник меѓу Израел и Иран. Макрон јасно ја отфрли таквата идеја.
„Не верувам дека Русија, која моментално е вклучена во конфликт со висок интензитет и со години ја игнорира Повелбата на ОН, може да биде посредник“, рече Макрон.
Тој исто така нагласи дека Франција не учествувала во ниту еден од израелските напади врз Иран.
Макрон го посети Гренланд непосредно пред да замине за Канада на самитот на Г7. Трамп претходно се закани дека ќе ја преземе контролата над тој богат и стратешки важен остров, данска автономна територија.
Макрон предупреди дека островот е изложен на „граблива амбиција“ и рече дека неговата ситуација е предупредување за сите Европејци, иако изрази сомнеж дека САД всушност ќе го нападнат Гренланд.
„Гренланд не е на продажба и не може да се земе“, рече тој, додавајќи дека претходно разговарал со Трамп и дека повторно ќе ја отвори темата за Гренланд на самитот на Г7. Тој рече дека сè уште верува дека САД „остануваат посветени на НАТО и на клучните историски сојузи“.
Според анкетата на Францускиот институт за јавно мислење (ИФОП), 77 проценти од Французите и 56 проценти од Американците се противат на анексија на Гренланд од страна на САД, а 43 проценти од Французите би поддржале употреба на француската војска за да се спречи инвазија на островот.
Данската премиерка Мете Фредериксен, по заканите на Трамп, го посети Париз неколку пати за да побара поддршка од Франција и Европа, а Копенхаген во меѓувреме нарача француски противвоздушни ракети.