петок, 2 мај 2025

Макрон: Франција може да ја признае Палестина

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Париз може да ја признае палестинската држава во јуни, додавајќи дека за возврат некои земји од Блискиот Исток би можеле да го признаат Израел.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Мораме да се придвижиме кон признавање (на палестинската држава). И во текот на следните неколку месеци ќе го направиме тоа. Не го правам тоа за да му угодам некому. Ќе го сторам затоа што во одреден момент ќе биде фер“, рече Макрон на телевизијата Франс 5.

„И бидејќи сакам да учествувам и во колективната динамика, тоа исто така ќе им овозможи на оние што ја бранат Палестина да го признаат Израел за возврат, нешто што многу од нив не го прават“, додаде Макрон.

Иако речиси 150 земји ја признаа Палестина, повеќето западни сили не ја признаа, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Франција, Германија и Јапонија. Меѓу земјите што не го признаваат Израел се Иран, Сирија, Јемен и Саудиска Арабија.

„Нашата цел е да претседаваме со конференцијата во јуни, заедно со Саудиска Арабија, на која би можеле да го финализираме планот за меѓусебно признавање“, рече Макрон. Тој организира конференција за решението за две држави со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман во јуни, а тој собир, според дипломатски извори, може да биде „поволниот момент“ што Франција го чека за на крај да ја признае палестинската држава.

За време на посетата на Египет, Макрон во понеделникот разговараше со претседателот Абдел Фатах ал-Сиси за политичките аспекти на посетата, со акцент на Појасот Газа. Во таа прилика тој го поддржа арапскиот план за Газа, „силно противејќи се на преселување на населението“ предложено од американскиот претседател Доналд Трамп, но го поддржа ставот на Трамп дека исламистичкиот Хамас во иднина не треба да има никаква улога во палестинската енклава.

Макрон го поддржа арапскиот план за обнова на Газа како „реален“ и кој, за разлика од американскиот план, не предвидува раселување на жителите на Газа. Но, Макрон, исто така, нагласи дека планот треба „дополнително да се зајакне“ во однос на „безбедноста“ и „управувањето“ на таа палестинска територија.

„Хамас не смее на кој било начин да учествува во управувањето и повеќе не смее да претставува никаква закана за Израел“, инсистираше Макрон во својот разговор со Ал Сиси.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ