недела, 7 декември 2025

Мајката на момче загинато во уривањето на стреата во Нови Сад до Вучиќ: „Дојди да ти кажам некои работи“

Дијана Хрка, мајката на момчето Стефан кое загина при падот на стреата на железничката станица во Нови Сад, изјави дека го поканува српскиот претседател Александар Вучиќ да дојде и да разговара со неа пред сите, но дека не верува дека тоа ќе се случи бидејќи, како што кажа, „тој нема храброст“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хрка од 2 ноември штрајкува со глад пред српскиот парламент во Белград, барајќи ја вистината и одговорност за трагедијата во која загинаа нејзиниот син Стефан и уште 15 други лица, претежно млади луѓе.

Дополнително, таа бара ослободување на сите студенти уапсени за време на антивладините протести кои траат една година и распишување предвремени парламентарни избори.

„Сега му се обраќам директно на Вучиќ“, кажа Хрка во изјава за агенцијата Фонет. „Нека дојде… и ќе му кажам некои работи“.

Сепак, таа не го очекува тој навистина да ја посети. „Тоа никогаш нема да се случи. Му се јавувам една година, тој нема храброст“, кажа таа.

Хрка, која секојдневно добива поддршка од бројни граѓани и студенти кои ги нарекува „свои деца“, штрајкува со глад покрај српскиот парламент бидејќи полицијата не ѝ дозволила да седи на платото пред зградата на парламентот, каде што од април е поставена шаторска населба на поддржувачи на српскиот претседател.

Шаторската населба, позната како „Ќациленд“, го зафаќа просторот пред парламентот и соседниот Пионирски парк, до кој се наоѓа канцеларијата на претседателот на Србија.

Десетиците присутни, чиј број навечер се зголемува, секојдневно пуштаат народна и патриотска музика.

Претходно оваа недела Вучиќ ја повика Дијана Хрка да го прекине штрајкот со глад, велејќи дека секогаш повикува на дијалог и дека „секогаш е подобро да се разговара“.

„Зошто тоа некој го избегнува е друго прашање“, додаде Вучиќ.

„Ве молам, чувајте го вашето здравје. Ќе ја спроведеме правдата до крај и точно ќе се знае кој е виновен, но ниту вие ниту јас не сме надлежни за тоа“, изјави Вучиќ за телевизијата Прва.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ