среда, 7 јануари 2026

Мадуро на суд: Невин сум, јас сум чесен човек, претседател на мојата земја

Соборениот венецуелски претседател Николас Мадуро денеска првпат се појави во американска судница, по обвиненијата за нарко-тероризам на кои администрацијата на Трамп се повика за да го оправда неговото фаќање и пренесување во Њујорк. Постапката започна на федералниот суд „Даниел Патрик Мојнихан“ на Менхетен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во своето прво јавно обраќање откако беше екстрадиран во САД, Мадуро изјави пред судот дека тој е претседател на Венецуела и дека бил киднапиран од својот дом во Каракас, пренесе Асошиејтед прес.

Кога судијата го праша да се изјасни, Мадуро одговори: „Невин сум. Не сум виновен. Јас сум чесен човек, претседател на мојата земја.“

Мадуро и неговата сопруга беа внесени во судницата околу пладне, за кратка, но задолжителна правна постапка што најверојатно ќе го означи почетокот на долга правна битка околу тоа дали може да му се суди во Соединетите Држави.

По изјавата на Мадуро, Хелерстин се сврте кон сопругата на Мадуро и ја праша да го потврди својот идентитет.

 

Откако таа го потврди своето име, Силија Флорес, на шпански јазик преку преведувач, изјави: „Јас сум првата дама на Република Венецуела.“

Кога беше прашана да се изјасни, таа одговори: „Не сум виновна. Потполно сум невина.“

Се очекува адвокатите на Мадуро да ја оспорат законитоста на неговото апсење, тврдејќи дека тој има имунитет од кривично гонење како суверен шеф на странска држава. Но Соединетите Држави не го признаваат како легитимен лидер на Венецуела.

Мадуро, заедно со сопругата, синот и уште тројца други, е обвинет дека соработувал со наркокартели за да го олесни транспортот на илјадници тони кокаин во Соединетите Држави. Доколку бидат осудени, би можеле да се соочат со доживотен затвор.

Државниот секретар Марко Рубио во неделата изјави дека Соединетите Држави нема да управуваат со Венецуела од ден на ден, освен што ќе спроведуваат постоечки „нафтен карантин“ врз земјата, со што ја ублажи изјавата на Трамп дека САД привремено би ја „воделе“ Венецуела. Сепак, планот на Трамп за преземање и ревитализација на венецуелската нафтена индустрија се соочува со сериозни пречки.

Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригес, која неколку часа по операцијата го нарече апсењето на Мадуро „злосторство“, сега го повика Трамп да „соработува со нас на агенда на соработка“. Нејзината помирлива порака дојде откако Трамп се закани дека таа може да „плати многу висока цена“ доколку не се усогласи со барањата на САД.

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска одржа вонреден состанок. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека и понатаму е „длабоко загрижен дека правилата на меѓународното право не биле почитувани“ и изрази страв дека рацијата на Соединетите Држави може да создаде преседан за начинот на кој во иднина ќе се водат односите меѓу државите. Американскиот амбасадор Мајк Волц ја бранеше воената акција како оправдана „хируршка операција за спроведување на законот“.

Мадуро и другите се товарат за следниве кривични дела:

– Заговор за нарко-тероризам

– Заговор за увоз на кокаин

– Поседување автоматско оружје и разорни направи

– Здружување заради поседување автоматско оружје и разорни направи.

Адвокатите на Николас Мадуро и на неговата сопруга Силија Флорес изјавија дека нивните клиенти во овој момент нема да поднесат барање за бранење од слобода. Бранителите додадоа дека тоа барање ќе го поднесат подоцна.

Судијата, при нивното заминување, им соопшти дека следното рочиште е закажано за 17 март во 11 часот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ