Во разговор за Си-ен-ен пред претседателската палата Мирафлорес во Каракас, Мадуро го повика Трамп на мир наместо на војна, откако најголемиот носач на авиони во светот УСС Џералд Форд пристигна во регионот. „Нема веќе вечни војни. Нема веќе неправедни војни. Нема веќе Либија. Нема веќе Авганистан. Да живее мирот“, кажа 62-годишниот Мадуро доцна синоќа, пробивајќи се низ толпата на пат кон провладин митинг.
Само неколку часа по обраќањето на Мадуро, Хегсет дополнително го зголеми притисокот со најава на операција која ја нарече „Операција Јужно копје“. „Западната хемисфера е американското соседство – и ние ќе го заштитиме“, објави Хегсет на Икс. Тој додаде дека мисијата на Јужната команда ќе ја брани „нашата татковина“ и ќе ја заштити од „дроги кои ги убиваат нашите луѓе“.
President Trump ordered action — and the Department of War is delivering.
Today, I’m announcing Operation SOUTHERN SPEAR.
Led by Joint Task Force Southern Spear and @SOUTHCOM, this mission defends our Homeland, removes narco-terrorists from our Hemisphere, and secures our…
— Secretary of War Pete Hegseth (@SecWar) November 13, 2025
Останува нејасно зошто Хегсет излезе со ова соопштение сега, десет месеци откако Јужната команда на американските поморски сили веќе го објави почетокот на операцијата. Тогаш беше кажано дека ќе користи „хетерогена мешавина од роботски и автономни системи за поддршка на откривањето и следењето на нелегалната трговија“ на Карибите.
Се шпекулира дека коментарите на Хегсет се обид да се пренасочи кампањата за притисок на Трамп врз Мадуро, која веќе вклучуваше серија смртоносни напади врз наводни бродови за шверц на дрога на Карибите и во Пацификот.
Официјално, масовното распоредување на американската војска е дел од „војната против дрогата“ на администрацијата на Трамп, насочена кон спречување на јужноамериканските картели да ги „преплават“ САД со кокаин и фентанил. Сепак, Венецуела не е производител на кокаин, бидејќи тоа производство се одвива речиси целосно во Боливија, Колумбија и Перу. Исто така, не е дел од мрежата за шверц на фентанил, која е центрирана во Мексико.
Затоа многу набљудувачи го гледаат ова воено распоредување, најголемо во регионот од инвазијата на Панама во 1989 година, како политичка крстоносна војна насочена кон соборување на Мадуро, што Трамп не успеа да го постигне во својот прв мандат. Си-би-ес њуз објави оваа недела дека високи воени претставници му презентирале на Трамп „опции за потенцијални операции во Венецуела, вклучително и копнени напади“, иако два извори кажале дека конечната одлука сè уште не е донесена.
Како одговор, венецуелскиот министер за надворешни работи Иван Гил испрати пркосна порака до „северноамериканската империја“. „Не се осмелувајте. Ние сме подготвени“, порача тој.
Во услови на растечки шпекулации за неизбежноста на воздушен напад на венецуелска почва, Ројтерс објави дека режимот на Мадуро подготвил планови за „герилски одговор“ на каква било американска инвазија. Според тие планови, „мали воени единици на повеќе од 280 локации би извршиле саботажа и други герилски тактики“ за да ги одвратат странските сили.
Друга стратегија, опишана како „анархизација“, предвидува провладини групи, вклучувајќи ги и разузнавачките служби, да сеат хаос на улиците на Каракас „и да ја направат Венецуела неуправлива за странски сили“, изјавиле два извори за Ројтерс.






