петок, 13 март 2026

Мадуро ги обвини САД за пиратство и грабнување на екипажот при запленувањето на танкерот со нафта

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро ги обвини Соединетите Американски Држави за киднапирање на членовите на екипажот по запленувањето на нафтениот танкер, нарекувајќи го чинот закана не само за неговата земја, туку и за глобалната трговија. Мадуро изрази верување дека американскиот народ ќе ги заузда „провоцирачите на војна“ кои го поттикнуваат конфликтот околу нафтата во Јужна Америка.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тензиите меѓу Вашингтон и Каракас нагло ескалираа на 10 декември, кога американските сили запленија нафтен танкер покрај брегот на Венецуела, опишувајќи го тоа како „најголемата заплена досега“. Соединетите Американски Држави спроведуваат наводна воена кампања против наркотици во регионот, а всушност вршат притисок врз режимот на Мадуро, кој го сметаат за нелегитимен и корумпиран.

Од друга страна, Венецуела тврди дека САД ја користат борбата против дрогата како изговор за нелегално преземање на контролата врз најголемите нафтени резерви во светот, а Мадуро ја нарече заплената „чин на пиратство“.

За време на неговиот вчерашен говор Мадуро кажа дека Венецуела ќе остане силна и покрај „нападите, заканите, а сега и грабежите“. Тој тврдеше дека 96 проценти од Венецуелците ја отфрлаат заплената од страна на САД како „кражба на национален имот“.

„Денес имаме киднапирани и исчезнати членови на екипажот. Каде е Меѓуамериканскиот суд за човекови права, Меѓународниот кривичен суд? Тие ограбија приватен брод со оружје, а членовите на екипажот исчезнаа пред пет дена; не знаеме дали биле мачени“, кажа Мадуро.

Истиот ден Венецуела ги обвини САД за сајбер напад врз државната нафтена компанија Петролеос де Венецуела. „Овој обид за агресија се темели на јавната стратегија на американската влада за запленување на венецуелската нафта со сила и пиратство“, соопшти Министерството за нафта, додавајќи дека операциите на компанијата не биле засегнати.

Запленетиот танкер Скипер веќе бил под санкции и идентификуван како дел од мрежа за транспорт на нафта која наводно ја поддржува либанската група Хезболах и иранските сили Кудс, кои САД ги сметаат за терористички организации.

„Запленувањето на овој брод ги истакнува нашите успешни напори да им наметнеме трошоци на владите на Венецуела и Иран“, изјави директорот на ФБИ Каш Пател во петокот.

По инцидентот извозот на нафта од Венецуела нагло падна бидејќи неколку танкери го сменија курсот. Сепак, пратките кои веќе се упатени кон Кина, најголемиот купувач, би можеле да го ограничат влијанието на запленувањето врз кинескиот пазар.

Соединетите Американски Држави објавија дека ќе продолжат да ги пресретнуваат бродовите кои превезуваат венецуелска нафта, што укажува на понатамошно затегнување во односите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ