Сенатот вчера го сослуша сведочењето на двајца службеници кои ја водат административната истрага за безбедноста во Лувр, започната по кражбата на накит на 19 октомври од парискиот музеј.
„Агентите за безбедност можеле, доколку ги погледнале камерите 30 секунди порано, да го спречат бегството на крадците“, изјави Ноел Корбен, директор на Генералниот инспекторат за културни работи, пред Одборот за култура на Сенатот.
Друг известувач за истрагата, Паскал Мињер, од Мисијата за безбедност, сигурност и ревизија во Министерството за култура, кажа дека надворешната камера „јасно го снимила пристигнувањето на крадците, поставувањето на кранот, двајцата крадци како се качуваат на балконот и неколку минути подоцна, нивното брзо заминување“.
Меѓутоа, никој не ја гледал таа снимка во живо, а кога обезбедувањето го активирало „веќе било предоцна, бидејќи крадците ја напуштиле галеријата Аполо“, каде што бил изложен украдениот накит.
Еден од сенаторите, центристот Лоран Лафон, кажа дека заклучоците од извештајот укажуваат на „општ пропуст и од музејот и од неговиот надзорен орган да се справат со безбедносните проблеми пред грабежот“.
Украдениот накит вреди околу 88 милиони евра. Четири лица беа уапсени во врска со истрагата, но украдените експонати не се најдени.






