понеделник, 8 декември 2025

Лукоил се ослободува од рафинериите поради американските санкции, заинтересирани се повеќе купувачи

Турскиот Џенгиз холдинг и азербејџанската државна нафтена компанија СОКАР истрајуваат во планираното купување на руската рафинерија Лукоил во Бугарија Нефтохим Бургас, објави турскиот весник Патронлар дуњаси.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Турскиот градежен, енергетски, рударски и туристички конгломерат Џенгиз и СОКАР доставиле понуда пред малку повеќе од една година, надминувајќи ја меѓународната конкуренција, го цитира руската новинска агенција Интерфакс турскиот весник.

„Зборуваме за инвестиција вредна околу 2,5 милијарди долари. Рафинеријата има капацитет за преработка од осум до 10 милиони тони нафта годишно, а има и свој синџир бензински пумпи“, истакна за ​​турскиот весник во јуни шефот на конгломератот, Мехмет Џенгиз, додавајќи дека со оваа аквизиција ќе влезат во секторите за малопродажба на гориво и бензински пумпи.

Понудата на Џенгиз и СОКАР влегла во последната рунда на лицитирање, забележува Патронлар дуњаси и тие веќе биле на прагот на потпишување договор пред американскиот претседател Доналд Трамп да ги објави санкции против Лукоил и Росњефт на 23 октомври, бидејќи, како што оцени, Русија „не е сериозно посветена на мировниот процес за завршување на војната во Украина“, потсетува весникот.

Според медиумите во Азербејџан, интерес за рафинеријата покажаа и казахстанската државна нафтена компанија Казмунајгас, меѓународната трговска куќа Витол, турскиот пензиски фонд Ојак и унгарската компанија за нафта и гас Мол.

Интересот на Мол за рафинеријата беше потврден минатата година од унгарскиот премиер Виктор Орбан, според порталот Дејли њуз Унгарија во извештај од почетокот на ноември.

Лукоил произведува околу два отсто од светската нафта, а неговите странски средства, покрај рафинериите во Бургас во Бугарија и Петротел во Романија, вклучуваат и 75 проценти удел во ирачкото нафтено поле Западна Курна 2, кое е меѓу најголемите во светот, и акции во голем број нафтени терминали и синџири на бензински пумпи низ цела Европа. Покрај унгарските и словачките рафинерии, Лукоил испорачува нафта и за турската рафинерија СТАР во сопственост на СОКАР.

Неколку дена по одлуката на Соединетите Американски Држави за санкции, руската компанија објави дека постигнала договор со швајцарскиот трговец Гунвор за продажба на странски средства. Трансакцијата беше прекината откако американското министерство за финансии сигнализираше дека нема да издаде лиценца на Гунвор.

Сопственикот на турскиот конгломерат, Мехмет Џенгиз, во интервју за Патронлар дуњаси нагласи дека неговата компанија нема намера да ја повлече понудата за рафинеријата на Лукоил во Бугарија. „Санкциите беа воведени во моментот кога бевме на еден чекор од потпишување (на договорот). Не се откажавме, ги проучуваме можните мерки, разгледувајќи го правниот аспект“, кажа раководителот на Ченгиз холдинг.

Минатиот петок бугарскиот парламент усвои закон по итна постапка кој предвидува назначување на специјален администратор за средствата на Лукоил во Бугарија и продолжување на сите деловни активности, вклучително и рафинирање на нафта, дури и по 21 ноември 2025 година, кога стапуваат во сила санкциите на САД против руски Лукоил.

Според тој закон акционерите ќе го изгубат правото на глас и нема да им биде дозволено да продаваат акции во рафинеријата Нефтохим Бургас на Лукоил, со префрлање на тие овластувања на специјален администратор кој ќе мора да добие владина дозвола за продажба.

Рафинеријата Нефтохим Бургас е во мнозинска сопственост на Лукоил преку подружницата ЛИТАСКО, регистрирана во Швајцарија, и подружницата Лукоил оил компани. Останатите 0,15 проценти ги поседуваат над 7.000 индивидуални и корпоративни акционери.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ