На прашањето кога украинското раководство конечно ќе сфати дека преговорите се подобри од војната, Лукашенко кажа дека некогаш ги обвинувал европските лидери, но сега верува дека проблемот е кај Зеленски.
„Во последните денови добивме значајни информации кои укажуваат дека не станува збор за Соединетите Американски Држави, кои сакаат да го унапредат мировниот процес, ниту за Русија, која е подготвена да продолжи напред, ниту за европските лидери, туку за Зеленски. Мислам дека тој ќе го сфати тоа. Всушност, верувам дека веќе го сфаќа“, оцени белорускиот лидер.
Тој ја истакна итноста на ситуацијата, предупредувајќи дека одложувањето може да доведе до катастрофални последици. „Неопходно е да се дејствува сега, бидејќи Русија напредува на фронтот. Знам за што зборувам, бидејќи сум сведок на тоа секој ден. А ова може да доведе до исчезнување на Украина како држава“, смета тој.
Тој дополнително предупреди дека западните соседи на Украина имаат свои стратегиски интереси во конфликтот. „Погледнете ги вознемирените соседи на Украина, пред сè оние на запад. Одредени сили и држави веќе се гледаат себеси во Западна Украина. Тие се подготвени да заземат дел од Украина, како што беше пред Големата патриотска војна (Втората светска војна). Разбирате за што зборуваме. Затоа, ситуацијата таму е многу тешка“, рече тој.
Тој упати директен апел до Зеленски: „Се надевам дека претседателот на Украина ќе ги слушне моите предлози и конечно ќе сфати дека вистинските партнери на Украина се нејзините словенски соседи. Затоа, мора да седнеме на преговарачка маса и да најдеме решение“.
Тој се осврна и на потенцијалната испорака на американски ракети „томахавк“ на Украинците. Тој повика на смиреност, велејќи дека потегот може значително да го ескалира конфликтот.
„Мислам дека треба да се смириме. Веќе реков дека нашиот пријател Доналд (Трамп) има препознатлива тактика за решавање на најитните прашања. Колку што го разбирам, прво зазема цврст став со притисок врз владите и поединците, а потоа малку попушта и се повлекува. Затоа, не треба да ги сфаќаме овие извештаи туку така, како ракетите да ќе бидат испратени утре“, истакна тој.






