Голдберг тврди дека министерот за одбрана Пит Хегсет му испратил порака со детални планови за напад точно во 11:44 часот. Во пораката биле наведени целите, видовите оружје и точното време на нападот.
Катастрофалното протекување на доверливи информации предизвика гнев и кај демократите и кај републиканците. Водачот на демократското малцинство во Сенатот, Чак Шумер, го нарече инцидентот „еден од најшокантните неуспеси во ракувањето со военото разузнавање во последниве децении“ и ги повика републиканците „да спроведат темелна истрага за околностите на инцидентот, предизвиканата штета и начините да се спречат слични пропусти во иднина“.
„Секој функционер вклучен во оваа групна комуникација извршил кривично дело – дури и ненамерно“, објави сенаторот од Делавер Крис Кунс на социјалните мрежи. „На никој од оваа опасна администрација повеќе не може да му се верува дека се грижи за безбедноста на Американците“.
Њујоршкиот конгресмен Пат Рајан ја нарече ситуацијата „апсолутен дебакл“ и се закани дека ќе започне „веднаш“ конгресна истрага доколку републиканците во Претставничкиот дом не преземат акција.
Главниот уредник на Атлантик Џефри Голдберг случајно бил вклучен во групен разговор на Сигнал со десетина високи функционери од администрацијата на Трамп, меѓу кои и потпретседателот Џеј Ди Ванс, државниот секретар Марко Рубио, советникот за национална безбедност Мајк Волц и министерот за одбрана Пит Хегсет.
„Овој инцидент нè прави да изгледаме слаби пред нашите противници“, рече калифорнискиот конгресмен Ро Кана. „Треба сериозно да ја сфатиме сајбер безбедноста и подготвен сум лично да предводам во тоа“.
Џим Химс, водечкиот демократ во Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, кој надгледуваше бројни тајни брифинзи, рече дека инцидентот е „ужасен“.
„Ако извештаите се точни, ова е флагрантно кршење на законите и прописите со кои се заштитува националната безбедност и безбедноста на американските војници“, рече Хајмс. „Овие функционери добро ги знаат ризиците од испраќање доверливи информации преку незаштитени канали и добро знаат дека поради такви дејствија пониски функционери ќе ја изгубат безбедносната дозвола и ќе завршат под кривична истрага“.
Марк Ворнер, водечки демократ во Комитетот за разузнавање на Сенатот, предупреди дека администрацијата „невнимателно постапува со најдоверливите државни податоци, загрозувајќи ја така безбедноста на сите Американци“. Демократскиот лидер во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис повика на „сериозна истрага за овој неодговорен инцидент“, велејќи дека протекувањето информации е „целосно неприфатливо и скандалозно“.
Републиканскиот сенатор Џон Корнин колоквијално го опиша инцидентот како „огромнa зае*анција“ и најави внатрешна истрага меѓу релевантните институции за да се открие што тргнало наопаку.
Белата куќа го потврди инцидентот. Портпаролот на Советот за национална безбедност Брајан Хјуз изјави дека станува збор за „автентична комуникација“ и дека е во тек истрага за тоа како дошло до грешка. И покрај тоа, Хјуз го бранеше разговорот, опишувајќи го како пример за „детална координација меѓу високи функционери“, тврдејќи дека безбедноста на војниците или државата не била загрозена.
Но, повеќето законодавци мислат поинаку. Сенаторот од Род Ајленд, Џек Рид рече дека тоа е „еден од најсериозните безбедносни пропусти што некогаш ги видел“.
Инцидентот наиде на особена критика кон некои високи функционери кои претходно ги осудија сличните неуспеси во администрацијата на Бајден, а сега се најдоа во слична ситуација. Демократскиот национален комитет повика министерот за одбрана Пит Хегсет да поднесе оставка или да биде сменет поради неговата улога во скандалот.
Пратеникот од Њујорк Мајк Лолер го заклучи двопартискиот став: „Класифицирани информации никогаш не треба да завршат на незаштитени канали, особено не во рацете на поединци кои немаат безбедносни сертификати. Точка“.






