Лидерите на Проект за просперитет на Алберта (Alberta Prosperity Project, АПП), група крајно десничарски сепаратисти што сакаат западната покраина да стане независна, од април минатата година трипати се состанале со претставници на американскиот Стејт департмент во Вашингтон, според наводи на лица запознаени со разговорите.
Следниот месец тие бараат уште еден состанок со претставници на Стејт департментот и на американското Министерство за финансии за да побараат кредит од 500 милијарди долари, кој би помогнал во финансирањето на покраината ако на референдум за независност – кој сè уште не е ниту распишан – победи опцијата за отцепување.
„САД се исклучително воодушевени од слободна и независна Алберта“, изјави за ФТ Џеф Рат, правен советник на АПП, кој присуствувал на состаноците.
Тој тврдел дека со администрацијата на Трамп има „многу посилен однос“ отколку канадскиот премиер Марк Карни.
„Министерството редовно се состанува со актери од граѓанското општество. Како што е вообичаено за рутински состаноци од ваков тип, не се преземени никакви обврски“, изјави портпарол на Стејт департментот.
„Претставници на администрацијата се состануваат со низа групи од граѓанското општество. Ниту е пренесена каква било поддршка, ниту пак какви било други обврски“, изјави претставник на Белата куќа.
Лице запознаено со размислувањата на министерот за финансии Скот Бесент изјави дека ниту тој ниту кој било друг претставник на Министерството за финансии не знаеле за предлогот за кредит и дека не планираат да се занимаваат со тоа прашање. Истото лице додаде дека ниту еден висок функционер на Министерството за финансии не примил барање за состанок.
Министерството за финансии одбило да коментира. Портпаролот на канадскиот премиер Карни исто така одбил да даде коментар.
Разговорите се одвиваат во момент на влошување на односите меѓу САД и Канада. Американскиот претседател Доналд Трамп и Карни се судрија минатата недела откако канадскиот премиер сугерираше дека Вашингтон создава „пукнатини“ во светскиот поредок.
Според лица запознаени со американските ставови, малку е веројатно дека САД ќе му дадат каква било конкретна поддршка на маргиналното сепаратистичко движење. Но разговорите, пишува ФТ, ги нагласуваат тензиите меѓу Вашингтон и федералната влада на Карни во Отава.
Карло Даде од фондацијата Канада вест, конзервативен институт од Калгари, ги опиша сепаратистичките лидери како „луѓе што очајнички бараат внимание“, додавајќи дека „Американците се мошне среќни кога можат да ги хушкаат Канаѓаните едни против други“.
Бесент минатата недела предизвика бран возбуда меѓу сепаратистите во Алберта кога покраината – најголемиот поединечен извор на странска нафта на американскиот пазар – ја опиша како „природен партнер на САД“.
„Жителите на Алберта се многу независен народ“, изјави тој за десничарскиот поткастер Џек Пособиец. „Кружат гласини дека би можеле да имаат референдум за тоа дали сакаат да останат во Канада или не“.
Лице запознаено со размислувањата на Бесент изјави дека тој ниту го поддржува ниту му се спротивставува на движењето за независност на Алберта, но дека го гледа Карни како политичар што води лична агенда на штета на покраината, при што го истакнал и претходниот ангажман на Карни во областа на климатските политики.
Истото лице додаде дека Бесент верува оти Алберта може да ги продлабочи врските со САД, а притоа да остане канадска покраина.
Карни израснал во Едмонтон, главниот град на Алберта. Покраината со пет милиони жители со децении има мало движење за независност, чии корени датираат од формирањето на Канада пред повеќе од 150 години.
Истражување на Ипсос спроведено минатата недела покажа дека приближно три од десет жители и на Алберта и на Квебек би гласале за отцепување на својата покраина од Канада. Но, за разлика од Квебек, движењето за независност на Алберта никогаш не добило вистински замав.
АПП се обидува да собере 177.000 потписи за до мај да поднесе петиција за независност до законодавното тело на покраината. Групата не сакала да каже колку потписи досега собрала.
Сепак, разговорите дополнително ќе ги поттикнат веќе постојните стравови од мешање на администрацијата на Трамп и нејзините посредници во внатрешните работи на Канада.
„Гледаме докази за странско мешање“, изјави Гил Мекгован, претседател на Федерација на трудот на Алберта, укажувајќи на рекламни кампањи на социјалните мрежи, користење интернет-ботови и гласови на МАГА-инфлуенсери. „Ова не делува органски, МАГА-екипата нè таргетира“, рече тој, алудирајќи на организирана кампања на поддржувачи на Трамп.
„Алберта е клучен партнер во нашата федерација“, изјави портпаролот на канадскиот министер за трговија за односи со САД, Доминик Леблан. „Владата работи на обновување на односите меѓу Канада и Алберта врз основа на заеднички цели и почитување на меѓусебните надлежности“.
Рат не сакаше да каже со кого точно АПП разговарал во Вашингтон. „Се состануваме со многу, многу високо позиционирани луѓе, а тие по состаноците одат директно во Овалната канцеларија“, тврдеше тој.
Сепаратистичката партија презела теми слични на британското движење за брегзитот. Ја обвинува Отава дека расфрла милијарди долари приходи од нафта и промовира теории на заговор за кинеско влијание, прогон на христијаните и агендата на „глобалистите“.
Рат изјави дека неговата група се состанала и со претставници на квебечкото сепаратистичко движење, кое ги загуби референдумите за независност во 1980 и 1995 година.
Премиерката на Алберта, Даниел Смит, која минатата година го намали прагот за распишување референдум, е против независност на покраината. „Големото мнозинство Албертјанци не се заинтересирани да станат американска сојузна држава“, изјави нејзин портпарол.
Кампањата Алберта засекогаш Канада (Alberta Forever Canada), контрапетиција против независноста, до декемврискиот рок минатата година собра 438.568 потписи.






