понеделник, 15 декември 2025

Лондон повикува на 50-дневна интензивна кампања за вооружување на Украина

Британските власти во понеделникот ги повикаа сојузниците на Украина да спроведат „50-дневна интензивна кампања за вооружување“ за да ја зголемат воената поддршка за Украина и да ја поттикнат Москва да преговара за прекин на огнот пред истекот на ултиматумот на американскиот претседател Доналд Трамп до Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп минатата недела му даде на рускиот претседател Владимир Путин 50 дена да ја заврши војната во Украина, заканувајќи се со строги санкции и најавувајќи масовно вооружување на Киев, со посредство на НАТО и европско финансирање.

За време на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина, британскиот министер за одбрана Џон Хили денес го нарече ултиматумот „момент на максимална шанса“.

Контакт групата, со која копретседаваат Велика Британија и Германија, обединува околу 50 земји што ѝ даваат воена помош на Украина.

„Ние, пак, треба да ја засилиме нашата акција, со 50-дневна кампања за вооружување на Украина на бојното поле и да помогнеме (Владимир) Путин да седне на преговарачката маса“, рече Хили за време на онлајн-состанокот.

Британскиот министер додаде дека Лондон и Берлин се согласиле да соработуваат во снабдувањето со ракети за воздушна одбрана на Украина.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека двете земји ќе обезбедат 200.000 куршуми муниција за противвоздушните тенкови „гепард“ што ги користи украинската армија.

Во последните недели, Москва постојано спроведуваше масовни воздушни напади врз Украина, вклучително и напад врз главниот град Киев во неделата вечерта, во кој загина едно лице, а беа повредени две, според локалните власти.

Велика Британија веќе испорача противвоздушни ракети и артилериски гранати во вредност од околу 150 милиони фунти (173,2 милиони евра) во Киев во последните два месеци, соопшти британското Министерство за одбрана.

Лондон вети дека ќе потроши 700 милиони фунти (808,2 милиони евра) за муниција за Украина оваа година и дека ќе обезбеди повеќе беспилотни летала, кои станаа неопходни во борбата.

Киев доби околу 50.000 беспилотни летала во последните шест месеци, а уште 20.000 ќе бидат испорачани од коалицијата на земји предводени од Велика Британија и Латвија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ