среда, 10 декември 2025

Локид Мартин најави „невидлив“ борбен дрон

Таинствениот развоен оддел на компанијата Локид Мартин, попознат како Сканк воркс, го објави својот најнов проект – автономен „стелт“ дрон наречен „вектис“. Компанијата планира да го изврши првиот пробен лет на овој напреден авион до крајот на 2027 година, пишува Брекинг дифенс.

Фото: Локид Мартин

Објавено на

часот

Сподели

Првиот прототип на „вектис“ во моментот е „во изгработка“ и е замислен како голем дрон за повеќекратна употреба, таканаречен „категорија 5“. Дизајниран да се прилагоди на променливите закани на бојното поле. Ова го потврди О Џеј Санчез, потпретседател и генерален директор на Сканк воркс.

„Делови од прототипот се нарачани, тимот работи и имаме намера да летаме во следните две години“, им изјави Санчез за новинарите пред конференцијата Воздушен простор и сајбер.

Во Локид сметаат дека дострелот, издржливоста и флексибилноста на дизајнот се клучните предности на „вектис“. Сканк воркс го развива дронот за американскиот и меѓународниот пазар врз основа на повратните информации од бројни клиенти, објави компанијата.

„Вектис“ е способен да извршува различни мисии, од борбени мисии воздух-воздух и воздух-земја до извидување и надзор (ИСР). Опремен е со систем на отворени мрежи, што му овозможува да се поврзе со платформи и системи што не се произведени од Локид Мартин.

Одредени аспекти на дронот, како што се капацитетот за носење товар или начинот на оперативна употреба, можат дополнително да се прилагодат на специфичните барања на клиентите.

„Во него ќе вградиме капацитет за сигурни секојдневни летови, како и интеграција во операциите за обука“, објасни Санчез.

„Во исто време, ако барањето е едноставност на складирање и едноставност на монтажата, тоа е апсолутно вградено во дизајнот. Тука тесно ќе соработуваме за да го слушаме секој поединечен клиент и да продолжиме оттаму со нивниот избор на операции, но флексибилноста е вградена.“

Како што е вообичаено со проектите на Сканк воркс, Санчез одби да коментира за деталите за дизајнот, како што се моторот или максималната брзина. Сепак, тој истакна дека анализата на Локид „не укажува на надзвучни брзини“ како клучен услов за вакви дронови.

Во својата сегашна верзија, „вектис“ зависи од писта за полетување и слетување. Сепак, тој е дизајниран за лесно одржување во теренски услови, со едноставна конструкција од „издржливи, сигурни материјали“ и лесен пристап до внатрешните системи за поправки.

Иако „вектис“ сè уште не полетал, Локид спровеле бројни оперативни анализи и симулации спојувајќи го со борбените авиони Ф-22 и Ф-35. Санчез истакна дека неговата „невидлив“ радарски одраз и комуникација се „компатибилни“ со авионите од петтата и шестата генерација. Дизајнот потекува од претходното искуство со авиони без опашка како што е Икс-44 „манта“, како и на работата на прототипот на борбен авион од шеста генерација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ