Околу 170 странски делегации – вклучувајќи ги и оние на американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и британскиот принц Вилијам – се очекува да пристигнат во Ватикан на погребот в сабота, заедно со толпа од околу 200.000 луѓе, што значи дека организаторите ќе мора да бидат дополнително претпазливи во следните неколку дена.
Гардијан пишува дека безбедносната операција дополнително се усложнува поради фактот што националниот празник Денот на ослободувањето, кој го означува крајот на фашизмот и нацистичката окупација во Италија за време на Втората светска војна, паѓа в петок, што со себе носи низа одвоени настани и демонстрации.
Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Пјантедоси, рече дека властите се водат од претпоставката дека меѓу 150 и 170 странски делегации ќе присуствуваат на погребот на плоштадот Свети Петар на отворено, заедно со десетици илјади верници.
Веќе се поставени бариери внатре и надвор од базиликата за да се контролира толпата, безбедносните проверки се засилени, а вработените делат шишиња со вода поради топлото време, објави Гардијан.
Според весникот Кориере дела сера, на територијата на Рим и во воздушниот простор над главниот град се распоредени најсовремени одбранбени и безбедносни механизми, вклучително и оружје против беспилотни летала, зона за забранети летови надгледувана од борбени авиони и софистицирани технологии за попречување. На терен се и антитерористички единици и единици против саботажи.
Базиликата и нејзината околина се обезбедуваат од повеќе од 2.000 полицајци до крајот на конклавата, која се очекува во почетокот на следниот месец, на која ќе биде избран наследникот на Франциско. Тие ќе бидат поддржани од 400 сообраќајни полицајци што ќе управуваат со движењето на дипломатските конвои.
Погребот в сабота ќе заврши со поворка со ковчегот на починатиот поглавар на Католичката црква од базиликата Свети Петар до базиликата Санта Марија Маџоре во населбата Есквилино во Рим, каде што ќе биде погребен Франциско.
Сепак, безбедносната операција нема да заврши тука. Штом Франциско ќе биде положен во гробот, вниманието брзо ќе се сврти кон конклавата. Доколку за 277. поглавар на Римокатоличката црква биде избран италијански кардинал, полицијата се подготвува за уште поголем број верници што би можеле да се упатат кон Ватикан.
Околу 50.000 луѓе присуствуваа на погребот на претходникот на Франциско, папата Бенедикт, кој исто така се одржа на плоштадот Свети Петар, во јануари 2023 година.
Гардијан потсетува дека на државниот погреб на кралицата Елизабета Втора во Вестминстерската опатија во септември 2022 година присуствуваа околу 500 странски достоинственици, меѓу кои и тогашниот американски претседател Џо Бајден. Повеќе од 10.000 полицајци беа распоредени за обезбедување на настанот, кој беше опишан како најголема поединечна мобилизација на британската полиција во историјата, како и најголем меѓународен собир на странски достоинственици координиран од Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство.
На помош на своите колеги во Лондон дојдоа повеќе од 3.000 други полицајци од речиси секоја единица во земјата. Специјалните тимови вклучуваа вооружени полицајци, мотоциклистичка придружба, коњички единици, тимови со кучиња и поморска единица. Снајперисти беа распоредени на покривите додека се движеше поворката што го носеше телото на кралицата, што беше следено со хеликоптерски надзор надвор од главниот град.