Доколку санкциите бидат укинати, Русија би била подготвена за „голем воен конфликт“ со НАТО за шест години, според разузнавачка проценка, пренесува Ројтерс.
Руската воена индустрија напредува со помош на Кина, дозволувајќи ѝ на Москва да ја намали својата зависност од западната технологија.
Во извештајот се наведува дека вишокот руско оружје би довел до „последици за глобалната безбедност“.
Литванската разузнавачка служба проценува дека „Русија веројатно би создала не само 30-50 проценти поголема армија отколку што имала пред војната (во Украина), туку и релативно модерна. Стратегиските резерви на оружје и муниција би биле целосно обновени. Русија би била подготвена за конвенционален воен конфликт со НАТО“.
Менување на рамнотежата на моќта во Европа во своја корист, како и целосно потчинување на Украина, остануваат главни руски цели, се тврди во извештајот.
Балтичките земји се во состојба на висока готовност од почетокот на војната во Украина во 2022 година, а НАТО постојано го зголемува своето присуство во регионот.






