среда, 10 декември 2025

Лидерот на француската крајна десница: Се согласувам со изјавите на Трамп за пропаста на Европа

Жордан Бардела, претседател на француската крајнодесничарска партија Национален собир (РН), изјави дека „во голема мера“ се согласува со загриженоста за Европа што американскиот претседател Доналд Трамп ја изложи во новата Стратегија за национална безбедност.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во големо интервју за Би-би-си, политичарот што според анкетите би можел да стане следниот претседател на Франција, порача дека Франција под негово водство веќе нема да биде цел на масовна имиграција.

Минатата недела Белата куќа го објави документот со визијата на Трамп за светот, што многумина го протолкуваа како остра критика на Европа. Говорејќи за поткастот „Политикал тинкинг“ на Би-би-си, Бардела го пофали она што го нарече Трампов „повик на американскиот патриотизам“, но истакна дека не сака Европа да ѝ биде „потчинета на која било голема сила“.

Тој рече дека „ветерот на слободата, националниот патриотизам дува низ западните демократии“.

Бардела изјави дека споделува поголем дел од грижите на Трамповата администрација дека Европа се соочува со „цивилизациско бришење и пропаѓање“, за што Белата куќа тврди дека е поттикнато од низа политики, вклучително и миграциските. „Масовната имиграција и попустливоста на нашите влади во последниве 30 години ја нарушуваат рамнотежата на европските земји, западните општества и особено француското општество,“ рече Бардела.

По вонредните парламентарни избори во 2024 година, Национален собир стана најсилната поединечна партија во парламентот. Следните претседателски избори во Франција треба да се одржат во 2027 година, а една анкета за Ле Фигаро покажува дека Бардела, кој има 30 години, би можел да победи со 44% од гласовите, пред Марин лe Пен. Но нејзината кандидатура е под прашалник откако беше прогласена за виновна за проневера на европски средства и доби петгодишна забрана за кандидатура.

Одлуката по жалбата, која се очекува почетокот на следната година, ќе ја одреди нејзината политичка иднина. Ако не ѝ биде дозволено да се кандидира, очекувањата се дека Бардела ќе стане главен кандидат. Тој ги отфрли тврдењата дека тоа создава тензии меѓу нив, нагласувајќи дека ги поврзуваат „доверба и пријателство“. „Ќе се борам покрај неа за да ја добие жалбата. До жалбата ќе водиме кампања заедно, а и потоа — рака под рака“, рече тој.

Национален собир го основа во 1972 година Жан-Мари Лe Пен, таткото на Марин, под името Национален фронт. Жан-Мари Лe Пен повеќепати е осудуван за негирање на холокаустот. Во интервјуто, Бардела се дистанцираше од неговите изјави — како и многу други политичари од РН последниве години. „Се борам против карикатурата за моето движење, моите идеи,“ рече тој, додавајќи дека неговата одговорност е да го обедини францускиот народ и да понуди „проект за национално обновување“.

Сочен со обвинувања за расистичка и антисемитска историја на партијата, Бардела ги отфрли тврдењата дека Националниот фронт некогаш изнесувал ставови што можеле „да навредат“ делови од населението. „Многу Евреи гласаат за нас и нè сметаат за бедем против екстремизмот,“ изјави тој.

Национален собир е најпознат по својата антиимиграциска политика, залагајќи се за построги правила, вклучително и ограничување на социјалните придобивки само на француските државјани. „Ако утре бидам шеф на владата, Франција повеќе нема да биде цел на масовна имиграција,“ изјави Бардела, најавувајќи дека неговиот прв потег би бил распишување референдум за имиграцијата за „повторно да ја преземеме контролата врз нашите граници“. За тоа би била потребна промена на уставот — што бара и претседателска победа и апсолутно мнозинство во парламентот.

Иако неговите родители се со имигрантско потекло, тој повлече разлика меѓу оние родени во Франција што „ги отфрлаат републиканските институции како полицијата или вредности како секуларизмот“ и оние што „прават сè за да станат Французи — го прифаќаат јазикот, културата и националното наследство“.
На прашањето што значи да се биде Французин ако самото раѓање не е доволно, тој одговори дека тоа е „чест“ што ја надминува бирократијата. „Да се биде Французин значи да се придржуваш кон одредени вредности и начини на живот, да веруваш во еднаквоста меѓу мажите и жените,“ рече тој. „Го бранам секуларизмот и сметам дека исламизмот денес е посебен политички проект… кој сака да му ги наметне своите правила на француското општество“, додаде, ветувајќи дека ќе ги затвори радикалните џамии и ќе ги протера „проповедниците на омраза“.

Иако не навлезе во детали за финансиските проблеми на Франција, чиј долг надминува 3 трилиони евра, Бардела изјави дека француската економија е „болна“. „Се соочуваме со две болести — прекумерно оданочување и прекумерна регулација,“ рече тој, ветувајќи дека ќе ја ослободи земјата од „оковите“ што го кочат растот.

Неговиот став за Украина се разликува од оној на сегашната влада. Иако Русија ја смета за „мултидимензионална закана“ и верува дека Киев ќе има потреба од безбедносни гаранции, Бардела тврдеше дека е „цврсто против“ испраќање француски војници во Украина. Таква одлука, за разлика од предлогот на претседателот Емануел Макрон, „би придонела за ескалација“, предупреди тој.

Бардела ќе има 31 година на следните избори. За споредба, Макрон имаше 39 години кога во 2017 година стана најмладиот претседател на Франција, но претходно имаше искуство како министер за финансии — нешто што Бардела го нема. „Точно е дека имам 30 години. За жал, ништо не можам да направам околу тоа,“ рече тој. „Ги препознавам егзистенцијалните прашања со кои се соочува нашата земја… И повеќе би сакал денес да ми кажат дека е ‘прерано’ отколку утре дека е ‘предоцна’.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ