среда, 4 февруари 2026

Лидерите на Летонија и Естонија предлагаат директни преговори на ЕУ со Русија

Летонската премиерка Евика Силина и естонскиот претседател Алар Карис во одделни интервјуа за бриселскиот портал Јуроњуз изјавија дека Европската Унија треба да назначи специјален претставник за преговори со Русија и да отвори дипломатски канали со таа земја, како дел од тековните преговори за завршување на војната во Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што се наведува, тоа претставува значаен пресврт во европското стратегиско размислување околу Русија откако ЕУ беше исклучена од директните разговори во мировните преговори предводени од Соединетите Американски Држави.

Францускиот претседател Емануел Макрон претходно оваа недела изјави дека работата за назначување специјален претставник „на техничко ниво“ веќе е почната, што беше поддржано од италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Оваа идеја првпат се појави ова лето, но повеќето лидери на ЕУ ја сметаа за несоодветна во тоа време.

Силина и Карис кажаа дека секоја комуникација со Русија треба да се прави во консултација со Киев и предложија претставникот, кој сè уште не е именуван, да биде лице околу кое постои консензус.

Силина изјави за Јуроњуз на маргините на Самитот на светските влади во Дубаи дека е потребен ангажман во дипломатијата, дека се потребни разговори, но и дека санкциите против Русија остануваат.

„Мора да бидеме на преговарачката маса затоа што самите Украинци почнаа да преговараат. Па зошто Европејците да не преговараат“, кажа премиерката.

Таа ги посочи Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, полскиот премиер Доналд Туск и британскиот премиер Кир Стармер како потенцијални европски претставници.

Мерц, за разлика од Макрон, се спротивставува на директните преговори.

Силина додаде дека навистина е потребен претставник и прашањето е кој би можел да биде тој. Таа кажа и дека е подготвена за тоа, но дека веројатно би било подобро ако тоа беа лидерите на Германија или Франција, како и Британија, кои се членки на „Коалицијата на спремните“.

Естонскиот претседател се воздржа од нафрлање имиња, но нагласи дека претставникот треба да доаѓа од голема европска земја која ужива „кредибилитет на двете страни“.

„ЕУ треба да биде вклучена. Иако не се бориме директно против Русија, со години ја поддржуваме Украина и ќе продолжиме да го правиме тоа“, изјави Карис за Јуроњуз во Дубаи. Тој додаде дека ЕУ „малку доцни“ и дека можеби таа, а не американскиот претседател Доналд Трамп, требало да почне да бара дипломатски решенија.

„Пред неколку години бевме во позиција да не разговаравме со агресорите, а сега сме загрижени што не сме на преговарачката маса“, кажа Карис.

Прашањето за повторно отворање на дипломатските канали со Русија, кои се претежно затворени од февруари 2022 година, е актуелизирано во последните недели, бидејќи темпото на преговорите предводени од американските напредоци и безбедносните гаранции за Украина се конкретизира.

Франција, Италија, Австрија, Луксембург и Чешка се меѓу земјите кои ја поддржуваат идејата за почнување директни преговори за да се избегне зависноста од Белата куќа, која сега е главен соговорник на Москва.

Германија, од друга страна, е против тоа и посочува дека „максималистичките барања“ на рускиот претседател Владимир Путин и континуираното бомбардирање на украинските градови укажуваат дека Кремљ нема „вистинска подготвеност за преговори“.

И додека претседателот на Естонија, кој има претежно церемонијална улога, е за директни преговори, Министерството за надворешни работи на земјата е против повторно ангажирање со Русија.

„Додека Русија не ги промени своите постапки и цели на агресија против Украина, не е можно да се вклучиме во преговори со таа земја, ниту пак можеме да ѝ понудиме излез од нејзината изолација“, се вели во соопштението од естонското Министерство доставено до Јуроњуз.

„Не смееме да ги повторуваме грешките кои ги правевме одново и одново со обновување на односите додека Русија не го промени својот курс“, се наведува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ