Финансирањето на Украина е клучната тема на самитот од 27 држави членки, на кој денес му се придружи и украинскиот претседател Володимир Зеленски, а лидерите треба да одлучат дали десетици милијарди евра од замрзнатите руски средства ќе бидат искористени како гаранција за заем наменет за покривање на воените и финансиските потреби на Украина во следните две години.
Најголемиот дел од овие средства, околу 193 милијарди евра, според податоците од септември, се наоѓаат во бриселската финансиска куќа за клиринг Еуроклиар, пренесува агенцијата Асошиејтед прес.
„Нема да го напуштиме Европскиот совет без конечна одлука за финансирање на потребите на Украина за 2026 и 2027 година“, изјави Кошта пред новинарите пред самитот.
Фон дер Лаен кажа дека ја поддржува неговата идеја дека самитот не може да заврши без решение за финансирање на Украина во следните две години.
На маса се предложени две опции од Комисијата. Првата е заедничко задолжување, кое би било гарантирано од европскиот буџет, а втората е бескаматен заем за Украина врз основа на замрзнатите руски средства, кои треба да се вратат само ако и кога Русија ќе плати воени репарации.
Првата опција бара согласност од сите држави членки, што е невозможно да се добие во оваа ситуација, а за втората е доволно квалификувано мнозинство.
Сепак, заемот за репарација се соочува со цврст отпор од Белгија, каде што се наоѓаат поголемиот дел од замрзнатите руски средства, а неколку други земји се скептични во врска со користењето на суверените средства бидејќи тоа би било без преседан.
„Дајте ми падобран и сите ќе скокнеме заедно“, им кажа премиерот Барт де Вевер на членовите на белгискиот парламент непосредно пред почетокот на самитот.
Белгија стравува дека Русија би можела да возврати со одмазднички мерки и затоа претпочита Европската Унија да позајмува пари на меѓународните финансиски пазари, наместо директно да се потпира на замрзнатите руски средства. Брисел, исто така, бара во планот да бидат вклучени и замрзнатите руски средства кои се наоѓаат во други европски земји, како и партнерите да гарантираат дека клириншката куќа Еуроклиар ќе има доволно средства доколку се соочи со судски постапки.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц е најголемиот поддржувач на заемот за репарација.
„Ја знаете мојата позиција, сакам да користиме замрзнати руски средства за финансирање на Украина. Не гледам подобра опција“, кажа Мерц, додавајќи дека имал впечаток дека ќе се постигне договор.
„Денес се соочуваме со едноставен избор: или пари денес или крв утре“, кажа полскиот премиер Доналд Туск. Тој додаде дека не зборува за Украина, туку за ЕУ.
„Од нас зависи да донесеме одлука и тоа е прашање на часови. Мислам дека сите европски лидери конечно мора да ја преземат одговорноста“, кажа Туск.
Унгарија и Словачка се противат на планот за заем за репарација на Урсула фон дер Лаен. Освен Белгија, неодлучни се и Бугарија, Италија и Малта.
„Не би сакал Европската Унија да биде во војна“, изјави пред самитот унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој се смета себеси за миротворец. „Давањето пари значи војна“, додаде Орбан, кој го опиша планот за заем како „ќорсокак“ и кажа дека „целата идеја е глупава“.
Друга важна тема што би можела да се наметне на денешниот самит во Брисел е прашањето за склучување договор со земјите од Меркосур, јужноамериканскиот блок кој го сочинуваат Аргентина, Бразил, Уругвај и Парагвај.
Државите членки треба да донесат одлука за тоа со квалификувано мнозинство, за да може претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лаен да отпатува во Бразил во сабота и да го потпише трговскиот договор.
Сепак, Франција и Италија бараат тој да се одложи и постојат стравувања дека лесно би можеле да соберат блокирачко малцинство.






