Либиските власти соопштија дека причината за несреќата бил „технички дефект на авионот“.
Либиската делегација престојувала во Анкара на разговори на високо ниво за одбраната, со цел зајакнување на воената соработка меѓу двете држави, соопштија турските власти.
Либискиот премиер Абдул-Хамид Дбеиба ја потврди смртта на началникот на Генералштабот, генералот Мухамед Али Ахмед ел-Хадад, и уште четворица офицери, наведувајќи во соопштение на Фејсбук дека станува збор за „голема загуба“ за Либија.
Ел-Хадад беше врховен воен командант во западна Либија и имаше клучна улога во тековните напори, со посредство на Обединетите нации, за обединување на либиската армија, која е поделена на сличен начин како и либиските институции.
Другите четворица офицери што загинаа во несреќата беа генералот Ал-Фитури Граибил, командант на либиските копнени сили, бригадниот генерал Махмуд Ал-Катави, кој ја предводеше службата за воено производство, Мухамед Ал-Асави Диаб, советник на началникот на Генералштабот, и Мухамед Омар Ахмед Махџуб, воен фотограф во кабинетот на началникот на Генералштабот.
Турските власти соопштија дека остатоците од деловниот авион „фалкон 50“ биле пронајдени кај селото Кесикавак, во областа Хајмана, околу 70 километри јужно од Анкара.
Турските контролори на летање во вторникот навечер соопштија дека изгубиле контакт со авионот, кој бил на пат назад кон Либија, по полетувањето од аеродромот Есенбога во Анкара.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на социјалните мрежи соопшти дека авионот полетал во 20:30 часот и дека контактот бил изгубен 40 минути подоцна. Кога авионот се наоѓал во близина на Хајмана, испратил сигнал за итно слетување, по што комуникацијата била прекината, изјави Јерликаја.
Бурханетин Дуран, шеф на Канцеларијата за комуникации на турскиот претседател, изјави дека авионот ја известил контролата на летање за електричен дефект и побарал итно слетување. Авионот бил пренасочен назад кон Есенбога, каде што започнале подготовки за слетување.
Сепак, авионот исчезнал од радарот додека се спуштал за итно слетување, рече Дуран.
Снимките од безбедносни камери, емитувани на локалните телевизиски станици, покажуваат дека ноќното небо над Хајмана одеднаш се осветлува од нешто што изгледа како експлозија.
🚨FOOTAGE OF THE PLANE CRASH🚨
Exclusive footage shows the aircraft carrying Libya’s Chief of the General Staff, Gen. Muhammed Ali Al-Haddad, crashing in Haymana, Turkey.
The impact is catastrophic, indicating a high intensity crash with minimal chances of survival.… https://t.co/Rj5OzY4QjB pic.twitter.com/kgs35XkxSx
— Taymur Malik (@BlueMist911) December 23, 2025
Ел-Хадад за време на престојот во Анкара се сретнал со турскиот министер за одбрана Јашар Гулер и со други официјални лица.
Аеродромот во Анкара привремено бил затворен, а неколку летови биле пренасочени кон други дестинации. Турското Министерство за правда соопшти дека четворица обвинители се задолжени за истрагата на падот, што е вообичаена практика во вакви случаи.
Според соопштение на либиската влада на Фејсбук, Либија ќе испрати тим во Анкара за да соработува со турските власти во истрагата за несреќата.
Либија е во хаос уште од бунтот во 2011 година, кога беше соборен и убиен нејзиниот долгогодишен лидер Моамер Гадафи. Земјата е поделена, со ривалски администрации со седишта на исток и на запад, поддржани од низа вооружени милиции и странски влади.
Турција ѝ беше сојузник на либиската влада на западот, но неодамна презеде чекори за подобрување на односите и со владата на истокот.
Посетата на либиската делегација во вторникот се случи ден откако турскиот парламент го одобри продолжувањето на мандатот на турските трупи што служат во Либија за уште две години. Турција распореди трупи по договорот за безбедносна и воена соработка од 2019 година, постигнат меѓу Анкара и владата со седиште во Триполи.






