Беа издвоени десет групи, вклучувајќи ги Лекари без граници, Агенцијата за бегалци на ОН и Норвешкиот совет за бегалци.
„Овој план за населување мигранти од африканско потекло во нашата земја е непријателски чин. Тој има за цел да ја промени демографската структура на земјата и да ја загрози рамнотежата на либиското општество“, изјави портпаролот на Администрацијата за внатрешна безбедност Салем Геит.
Едно од обвинувањата е дека меѓународните хуманитарни групи им помагаат на „илегалните мигранти обезбедувајќи им храна, облека и лекови, што ги охрабри овие мигранти да ја гледаат Либија како крајна дестинација наместо транзитна земја на пат кон Европа“. Но, многу мигранти велат дека не го сакаат тоа.
Како одговор на соопштението на властите, Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) изјави за Би-Би-Си дека луѓето на кои им помага не се „мигранти“ туку бегалци и дека работи со согласност на владата во Триполи повеќе од 30 години, обезбедувајќи хуманитарна помош за бегалците, барателите на азил и ранливите либиски заедници.
Лекарите без граници ја прекинаа својата работа во Либија пред една недела поради кампањата на либиските власти против меѓународните невладини организации.
По соборувањето на либискиот лидер Моамер Гадафи во 2011 година, дојде до распад на централната власт, што овозможи зајакнување на вооружените групи и трговците со луѓе. Земјата е поделена на две спротивставени сили, источна и западна.
Со години, мигрантите од супсахарска Африка беа изложени на сериозни прекршувања на правата и дехуманизирачки третман во Либија – вклучително и убивање, ропство или силување, влошени од немањето власт во земјата.