Додека гласовите сè уште се пребројуваат, Си-би-си њуз известува дека е прерано да се каже дали новата влада ќе биде мнозинска или малцинска – потребни се 172 места за мнозинска влада.
Шачи Курл, претседателка на институтот за истражување на јавното мислење Ангус Рид, за Ројтерс изјави дека победата на Либералите зависи од три фактори.
„Токму формулата „кој било освен конзервативец“, факторот на Трамповите тарифи и заминувањето на Трудо… им овозможи на многу левоориентирани и традиционални либерални гласачи да се вратат во партијата“, рече Карл, осврнувајќи се на оставката на непопуларниот поранешен премиер Џастин Трудо.
Марк Карни, новиот премиер на Канада и лидер на Либералната партија, им се обрати на своите поддржувачи по изборната победа. Енергичен и решителен, тој го започна својот говор со прашањето: „Кој е подготвен да гради силна Канада?“, на што толпата ентузијастички го поздрави.
Во емотивен и осмислен говор, Карни им честиташе на другите партиски лидери, издвојувајќи го Џагмит Синг од Новата демократска партија (НДП), кој еден час претходно објави дека се повлекува од раководството на партијата. Тој му се заблагодари за „водењето политика на прогресивни вредности“.
Карни исто така му се заблагодари на лидерот на Конзервативната партија, Пјер Поилиевре, за неговата посветеност на земјата „која двајцата ја сакаме“. Тој во својот говор го спомена и своето семејство, истакнувајќи дека неговата сопруга и децата „секојдневно го инспирираат да служи“.
„Влегов во политиката затоа што чувствував дека на Канада ѝ се потребни големи промени“, објасни Карни, истакнувајќи дека тие промени ќе бидат водени од канадските вредности што ги научил околу семејната маса и на хокеарскиот мраз. Тој ги истакна понизноста, амбицијата и единството како клучни вредности на неговата идна влада.
Понизноста за Карни значи соработка со сите политички партии, покраини и домородни народи, но и подготовка за тешки предизвици. „Америка ја сака нашата земја, нашите ресурси, нашата иднина“, предупреди тој, на што публиката спонтано одговори со извици „никогаш“.
„Претседателот Трамп се обидува да нè скрши за Америка да може да завладее над нас. Тоа никогаш, ама баш никогаш нема да се случи“, рече тој одлучно, додавајќи дека Канада се наоѓа на „историска пресвртница“ затоа што „стариот однос на интеграција со Соединетите Американски Држави е завршен“.
Карни дел од својот говор го одржа на француски јазик, нагласувајќи дека францускиот јазик и културата на Квебек се „во срцето на канадскиот идентитет“. Тој им се обрати и на гласачите кои не ја поддржуваат Либералната партија: „Секогаш ќе дадам сè од себе да ги претставувам сите што ја нарекуваат Канада свој дом“.
Осврнувајќи се на меѓународните односи, тој најави претстоен разговор со Доналд Трамп за „иднината на двете суверени и независни нации“ и зајакнување на партнерствата со европските и другите светски земји. „Ако САД повеќе не сакаат да бидат на чело на светското лидерство, тогаш тоа ќе биде Канада“, изјави тој, со гласно одобрување од публиката.
Карни објави дека Канада ќе стане енергетска суперсила и дека неговата влада ќе создаде силни работни места. Тој призна дека предизвиците ќе бидат тешки, но изрази доверба во Канаѓаните.
„Канада не е само нација, ние сме и секогаш ќе бидеме федерација. Не сме совршени, но се стремиме да бидеме добри“, рече тој, заклучувајќи дека силата на земјата лежи во единството и заедничката работа. „Се стремиме да ги правиме работите затоа што се правилни, а не затоа што се лесни“, беа неговите завршни зборови.