Сондата, лансирана во 2012 година, треба главно да изгори кога ќе помине низ атмосферата, иако не е исклучена можноста некои нејзини делови да стигнат до површината.
Вселенската агенција го процени ризикот од повреди предизвикани од паѓање на остатоци како „низок“, со шанса од еден на 4.200. Во моментов не е познато точно каде леталото би можело да влезе во атмосферата, а НАСА и американските вселенски сили изјавија дека ќе го следат неговото враќање и ќе објават ажурирани предвидувања.
Вселенското летало и неговиот близнак, сондата Ван Ален Б, беа на мисија да соберат невидени податоци за двата постојани радијациски појаси кои ја опкружуваат Земјата. Иако мисијата првично требаше да трае две години, таа беше продолжена на речиси седум. Завршена беше дури кога вселенското летало остана без горивото потребно за насочување на соларните панели кон Сонцето.
Од 2012 до 2019 година, сондите минуваа низ прстените од наелектризирани честички заробени во магнетното поле на Земјата, познати како Ван Аленови појаси. Овие појаси ја штитат Земјата од штетното космичко зрачење и сончевите бури што можат да ја оштетат технологијата и да ги загрозат луѓето.
Мисијата доведе до значајни откритија, вклучувајќи ги и првите податоци кои го потврдија постоењето на привремен, трет радијациски појас. Според НАСА, тој може да се формира за време на периоди на зголемена сончева активност. За разлика од сондата А, враќањето на нејзиниот близнак, вселенската сонда Ван Ален Б, не се очекува пред 2030 година.






