На состанокот на Рускиот совет за меѓународни работи Лавров оцени дека новиот светски поредок се воспоставува со уништување на стариот. „Ние сме среде реорганизација на глобалниот поредок, за која се надеваме дека ќе доведе до воспоставување одржлив и праведен мултиполарен свет. Но, засега таа трансформација е повеќе како уништување во секоја смисла на зборот“, кажа тој.
„Борбата за водечките позиции во новиот свет е исклучително жестока – тоа е прашање на живот и смрт. Сведоци сме на тоа речиси секој ден“, додаде министерот. Според него, меѓународното право сè уште се гази, а „има сè помалку ограничувачки фактори кои со децении обезбедуваа релативно стабилен поредок “.
Тој забележа и дека, како што вели, некои земји полагаат претензии за територии без никаква правна основа. „Некои земји го изгубија компасот и отворено бараат одредени територии без да понудат ни најмало правно оправдување за своите планови“, кажа Лавров.
Зборувајќи за односите со западните земји, Лавров изјави дека тие не се во добра состојба, но истакна дека Москва е подготвена за дијалог, но „сигурно нема да лови никого“. „Клучот тука е цврсто да ги браниме нашите национални интереси. Нашата врата за дијалог и можни договори ќе остане отворена, но само на строго еднаква и заемно корисна основа. Отворена е за оние кои се подготвени да ги остават настрана своите каприци и јасно да ни презентираат што ни предлагаат“, лажа тој.
Русија сама ќе одлучи „како да одговори на какви било идеи кои би можеле да дојдат од западните елити“, додаде тој.
Според него, земјите од БРИКС и Шангајската организација за соработка (ШОС) стануваат цел на агресивен отпор. „Всушност, не само Русија и Кина, туку и другите членки на БРИКС и ШОС, како и сите повеќе или помалку независни центри на моќ и развој, стануваат мета на агресивен отпор од страна на оние кои се навикнати да живеат на сметка на другите“, кажа тој.
Лавров го повтори апелот на Русија за „итен прекин на американската и израелската агресија против Иран“. Тој нагласи дека Москва смета дека употребата на воена сила против цивилите и цивилната инфраструктура е неприфатлива, „каде и да се тие – во Иран или во земјите-членки на Советот за соработка во Заливот“.
Москва, кажа тој, е подготвена да им помогне на страните во конфликтот на Блискиот Исток во наоѓањето дипломатско решение. „Подготвени сме да понудиме медијација и други форми на помош со цел ситуацијата да се врати на политички и дипломатски колосек“.
Тој ги обвини САД и Израел дека се обидуваат да спречат нормализација на односите на Иран со арапските земји од Персискиот Залив. „Она што моментално го гледаме во тој регион е обид на САД и Израел да спречат нормализација на односите меѓу Иран и неговите соседи, па дури и да ги свртат членовите на Советот за соработка во Заливот против Иран“, кажа Лавров. Тој ги нарече обидите на САД да ги искористат преговорите како покритие за агресија против Иран „нечесни“.






