„Многу пати рековме дека не сме имале ниту имаме намера да нападнеме ниту една сегашна членка на НАТО или ЕУ“, рече Лавров на Евроазискиот безбедносен форум во Минск.
„Подготвени сме тој став да го впишеме како дел од идните безбедносни гаранции за овој дел од Евроазија“, додаде тој, според транскриптот објавен од руското министерство за надворешни работи.
Лавров предлогот го изнесе во говорот во кој ги повтори вообичаените критики на Москва кон западните сили, обвинувајќи ги дека одбиваат „вистински колективни безбедносни гаранции“.
„Смислен дијалог со лидерите на земјите од ЕУ е невозможен затоа што тие одбиваат заеднички безбедносни гаранции со Русија, не само против Русија“, кажа Лавров, алудирајќи на ситуацијата по евентуалниот крај на војната во Украина.
Конфликтот во Украина темелно ја потресе европската безбедносна архитектура. Напорите на Западот за условен прекин на конфликтот го отворија прашањето како да се обезбеди заштита на Украина од нови руски напади во иднина.
Агендата на НАТО и ЕУ сега е долгорочно воено зајакнување на Киев за да се одврати Москва, додека Русија паралелно продолжува да ги проширува и модернизира своите оружени сили на начин што, според бројни експерти, ги надминува потребите на самата војна во Украина.






