Русија нема да ги нападне земјите членки на Европската Унија или на НАТО доколку прва не биде нападната, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Лавров рече дека западни функционери го оправдуваат зголемувањето на воените трошоци со потребата од одбрана на источното крилo на НАТО. Главниот воен командант на Германија, генералот Карстен Броер, во декември 2025 година изјави дека земјата мора да биде подготвена за потенцијална војна со Русија до 2029 година. Москва го обвини Западот за воинствена реторика.
„Немаме намера да ја нападнеме Европа. Нема причина за тоа“, изјави Лавров во интервју за НТВ, емитувано во неделата.
„Доколку Европа постапи според своите закани деја се подготвува за војна против нас и иницира напад врз Руската Федерација, ќе се соочи со силен воен одговор од наша страна, со сите расположливи воени капацитети“, рече тој.
На годишната прес-конференција во декември, рускиот претседател Владимир Путин ги отфрли тврдењата дека неговата земја планира напад врз НАТО како „бесмислица“.
Руски официјални лица, сепак, изјавија дека западната воена помош за Украина, вклучително и испораката на далекуметни и напредни оружја, го зголемува ризикот од поширок конфликт.
Москва, исто така, ја обвини Европската Унија дека настојува да ги саботира мировните преговори за Украина, посредувани од САД, и да ги продолжи борбите.






